ОТВОРЕН ДЕН НА СОУ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ВАЛАНДОВО
Градоначалникот на општина Валандово Перо Костадинов, заедно со државниот секретар во МОН, Анета Трпевска присуствуваа на отворениот ден на СОУ „Гоце Делчев“ Валандово, каде преку низа настани ја проследија презентацијата на училиштето, постигнатите цели на колективот и успесите изминатиот период.
Полуматурантите, нивните родители и останатите граѓани имаа можност да се запознаат со понудата на нашето средно училиште, новите стручни насоки кои ги нуди, поврзувањето со образовни институции од Европа и успесите на училишната економија.
Средното образование е циклус во животот, од исклучителна важност за иднината за секоја индивидуа. Ја предодредува професионалната ориентација на младите луѓе, развива вештини и ги оформува како личности. Тоа е основата, за секој успех понатаму.
СОУ „Гоце Делчев“ е правилен избор за секој нов средношколец. Училиштето досега изнедри огромен број паметни и успешни луѓе, кои постигаат големи успеси во својата професионална кариера и предводат во средините каде живеат или работат.
„Ги повикувам и поттикнувам младите луѓе, да го продолжат своето образование во СОУ „Гоце Делчев“, да направат правилна одлука за својата иднина и заеднички да испишеме уште една успешна приказна за нашата локална заедница.“ - напиша градоначалникот Костадинов на социјалните мрежи.