Ова верско светилиште се наоѓа во еден живописен предел на планината Плавуш, северозападно од Валандово, расположено во тишината и спокојот на природата, на чија убавина најповеќе се воодушевува окото на намерникот, на љубопитникот.
Во средниот век на овој простор постоела мошне убава црква, посветена на Свети Ѓорѓи, од која зрачела убавината на валандовското поднебје. Неа ја подигнал српскиот цар Стефан Душан во 1349 година, а ја граделе неимари со развиена смисла за естетика.. Во 1349 година, црквата заедно со својот имот, царот Душан ја подарил на Атонскиот манастир на островот Атос. Во црковната повелба било нагласено дека средновековната црква Св. Ѓорѓи, има свои имоти во атарите на Валандово, Пирава и Раброво.
Според едно старо предание, кога Марко Крале се враќал од Прилеп од прошетка во планината Беласица, каде што ја одмерил својата сила фрлајќи големи камења во Дојранското езеро од кои еден се забил во месноста Дикили Тас северозападно од Дојран откако ја минал Анска река, го запрел коњот Шарец над Валандово, во месноста Манастирот. Влегол во црквата Свети Ѓорѓи и се помолил на Господ. По краткиот одмор го продолжил патот кон Прилеп.
По доаѓањето на Турците во Валандово, црквата Свети Ѓорѓи прераснала во манастир. Манастирската црква и конаците околу неа, биле оградени со високи и дебели ѕидови, скопчани со тешка железна врата.
Градбата на црквата е од камен, а во основата е спуштена за една степеница под нивото на бетонираниот трем, кој е нешто повисок од нивото на земјата. Оваа еднокорабна црква со низок свод , чија поставеност е во насока исток-запад,лоцирана е до брегот на една удолница. Некои од иконите се изработени по земјотресот кој бил 1931 година и ја разурнал црквата, но има и такви кои се изработени во поново време. Олтарната преграда што ја сочинува малиот иконостас, ја има дебелината на рамките на иконите.Во средината на јужниот ѕид се наоѓа таканаречениот владички стол, а лево од него се иконите.
Манастирскиот простор денес е прекрасно среден и претворен во излетничко место, место за уживање и одмор. Инаку амбиенталното обликување на просторот околу манастирот ќе придонесе ова светилиште да служи, не само за развивање на интензивен религиозен живот, туку и за одмор и рекреација.