ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО - ОТВОРЕНИ НОВИ МОЖНОСТИ И СРУШЕНИ СТЕРЕОТИПИ
Градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов, денес заеднички со координаторката на Националната платформа за женско претприемништво за Југоисточниот плански регион, Ксенија Манева Вангелова и претседателката на Здружението на граѓани „ИСЧЕКОР - ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ“ - Валандово, Марија Карамучева Узунова, ја потпишаа Декларацијата за женско претприемништво, со што Општина Валандово се вклучува во националната иницијатива за развој и поддршка на жените во претприемништвото.
Целта на декларацијата е преку заеднички пристап да се подобрат состојбите на локално ниво, да се придонесе кон развојот на женското претприемништво во локалната заедница и што повеќе жени да се охрабрат и започнат сопствен бизнис.
Превземаме обврска да ги следиме трендовите на глобално ниво, да ги примениме најдобрите практики од светот дома и заедно да создадеме систем кој информира, нуди решенија и ги поттикнува жените. Жената може да се соочи со предизвиците, исто како и мажот. Ја промовираме еднаквоста како вредност и ги рушиме стереотипите.

