Директорот на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски, во работна посета на Општина Валандово
Директорот на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски во работна посета на Општина Валандово.
Разговаравме за Програмата за енергетска ефикасност и Стратегијата за одржлив енергетски развој и климатски промени, кои како стратешки документи општината ги изготви минатата година. Општина Валандово досега има реализирано неколку проекти во делот на енергетската ефикасност и бележи значителни заштеди на енергија и трошоци за греење. Во моментов, општината го реализира ЕСКО моделот за јавно осветлување и замена на старото и дотраено со ново и економично ЛЕД осветлување.
Заедно го посетивме Здравствен дом - Валандово, каде претходниот период беше променет системот за греење и дел од столаријата на објектот, а за наредниот период е планирано инсталирање на фотоволтаични панели на кровната конструкција и нова фасада со цел поголема енергетска ефикасност на истиот. Во моментов оваа институција бележи заштеди на електрична енергија поголеми од 30% како и намалени трошоци за греење над 50%.
Исто така, ја посетивме ЈОУ Детска градинка „Калинка“ - Валандово, која е целосно реконструирана во модерен, енергетско ефикасен објект и ја потврдува исправноста во инвестирањето во оваа област. Оваа институција во моментов бележи огромни заштеди на електрична енергија и трошоци за греење. Објектот беше реконструиран со средства преку програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Р. Грција и Министерството за локална самоуправа.
Општина Валандово ќе продолжи да инвестира во проекти кои ќе придонесат за поголема енергетска ефикасност во општината. Истите обезбедуваат поголеми заштеди на енергија и трошоци, како и помала емисија на штетни гасови во природата. Влогот во енергетско ефикасни објекти, е влог во чиста животна средина и здрава иднина.