Градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов и Претседателот на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи од Скопје, Бојан Кордалов потпишаа Меморандум за соработка кој има за цел да ја зајакне компонентата за добро управување и транспарентно работење на Општина Валандово.
Согласно Меморандумот за соработка, Општина Валандово се обврзува континуирано да вложува во јакнењето на капацитетите за унапредување на јавните услуги, транспарентноста и отчетноста во односите со јавноста, како и да воспостави правила на двонасочна комуникација со медиумите и граѓаните со цел промовирање на заложбите за доброто управување и евтоатланските перспективи на земјата.
Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи, со овој Меморандум за соработка се обврзува да и помага и да и пружи советодавни услуги на Општина Валандово за стекнување соодветни вештини за подобрување на општинската транспарентност, отчетност, дигитализација и двонасочна комуникација со медиумите и граѓаните, како и да и помогне на општината да изгради функционален систем на вклучување на граѓаните во процесите на одлучување. Активностите кои произлегуваат од Меморандумот не предизвикуваат финансиски импликации за Општина Валандово.
?