ВАЛАНДОВО
Валандово се наоѓа во подножјето на планината Плавуш, делумно амфитеатрално расположено на една стрмнина, на надморска височина од 110 до 150 метри. Јужно од Валандово тече Анска Река, лева притока на Вардар, а северозападно од градот, на едно ридско плато, долго време осамено опстојува едно средновековно кале, познато како „Маркова Кула“, која уште ја викаат и „Кулата“.
За Валандово не се знае точно кога било основано. Се знае само дека просторот на денешниот град претставува археолошки комплекс, во чиј горен дел е пронајден керамичен материјал, што укажува на постоењето на праисториска населба, која потекнува од преминот на бронзениот во железен период. Ова е време кога земјоделските и сточарските популации, во овој дел на Балканскиот Полуостров, биле етнички издиференцирани. Инаку, праисторискиот период од минатото на градот, се уште не е доволно разјаснет во археолошката наука.
Од историски извори се дознава дека просторот на денешно Валандово најпрво бил населен со Пеонци и дека потпаднал под власта на античка Македонија за време на Филип XX (359-336) за што сведочи една пронајдена плоча во месноста „Глос“, кај селото Грчиште, со натпис „Тумега Александар“, што значи- „во спомен на Александар“.
Според последниот попис во 2021 година селото има 3671 жител.
Градот лежи врз римска населба
Во античко време на просторот на денешниот град се развила римска градска населба, за што сведочат криените римски мозаици во разните делови на градот.
Според орнаментиката и структурата на мозаиците, може да се претпостави дека овој антички материјал бил остаток од еден развиен римски период, во првите години од доцната антика. За ова време сосема сигурно сведочат пронајдените монети со ликовите на римските императори Лициниј, Константин и Валентин I, од првата половина на IV век, од нашата ера.
Во околината на Валандово се откриени и други археолошки локалитети, како античкиот град Исарот, кај селото Марвинци, некрополата кај село Дедели и археолошките фосили кај село Башибос. Античкиот град на Исарот се идентификува со Идомена, кој потекнува од крајот на V век пред нашата ера и се наоѓал на патот Тесалоника-Сингидунум (Белград), преку Таурнана (Дојран), Антигонија (Неготино), Стоби, Скупи (Скопје) и Нисус (Ниш). Градот преживеал во римско време. Но во почетокот на V век, односно 518 година, бил разурнат од катастрофален земјотрес.
По исчезнувањето на Идомена, во значајна стратешка населба Бојмијската (Валандовската) Котлина прераснало Валандово, кое токму тогаш бележело виден напредок. Одделни изворни материјали, легенди и преданија зборуваат дека античкиот град, врз чии темели лежи денешно Валандово, во раниот византиски период го викале Микро Константинопол, што значело „Мал Цариград“.
Ново име на градот
Словените се населиле во валандовското подрачје кон крајот на VI или во почетокот на VII век. Со нивното доаѓање во овој крај била извршена асимилација на затекнатото население. Тогаш Валандово и околните населени места од основа го измениле својот антички карактер. Еден дел од староседелците исчезнал, а останатите биле „претопени“ од новодојденците.
На местото на разурнатите населби, Словените подигнале нови и им ставиле словенски имиња.
Во писмените извори, Валандово првпат бил спомнат во X век , со името Валандер. Но тоа не значи дека Валандово (како населба) не постоело и пред тоа.
Потврда за ова се и археолошките наоди во месноста „Стакина Чешма“, во јужниот дел на градот. Се претпоставува дека името „Валандер“ било добиено по „убавата местоположба на градот во долината“. Според некои преданија, името на градот настанало од римскиот (италијанскиот) збор „Вале“(долина, дол) или од „Валоне“ (широка долина). Валандовската долина (котлина) во која е сместен градот, всушност, претставува должинско проширување на Анска Река. Инаку „добра долина“, (убава долина), на хрватски значи „валјан дол“. Од зборовите „валјан дол“ настанал зборот „валандол“ а по аналогија и топонимот „Валандово“.
Инаку долината во која лежи градот, поради зеленилото и разновидните растенија, го има епитетот „Зелена Долина“. Порано кога во валандовско се произведувало памук, долината уште ја викале „Долина на белото злато“, а поради плодородноста и убавиот изглед, го имала епитетот „Златна Долина“ или „Валис Ауреа“.
Градот на цвеќето и зеленилото
Средновековниот град бил изграден на местото на денешно Валандово. Во 1344 година, во непосредна близина на Валандово, српскиот цар Душан ја подигнал црквата „Св. Ѓорѓи“, која во 1349 година заедно со црквата „Св. Никола“, царот ја приложил кон Светогорскиот манастир „Св. Пантелејмон“. Валандово било спомнато со топонимот Алавандово, во значење на „Цветен град“ („Град на цвеќето“).
Со отпаѓањето на првата буква „а“ од „Алавандово“ бил добиен зборот „Лавандово“ (лаванда, лавандула, што значи „миризливо цвеќе“).
Валандово уште во тоа време било опколено со зеленчук и цвеќе. Од зборот „Лавандово“ по аналогија се добило името Валандово.
За денешното име Валандово има неколку легенди. Една од нив вели дека по доаѓањето на Словените во Бојмија (Валандовска Котлина), во градот живеел некој богат и благороден свештеник по име Вландо. Тој всушност бил основач на населбата и на црквата во градот. Во сеќавање на овој добротворен човек, месното население новата населба која се развивала во поголемо населено место, ја нарекле со името Вландово, од кое по аналогија е оформен терминот за населбата Валандово.
Раширено е мислењето дека Валандово некогаш било многу поголемо населено место. Покрај прочуената средновековна црква „Св. Ѓорѓи“ во денешната месност „Манастирот“, во градот и околината имало околу десет цркви. Освен двете познати христијански православни цркви од XIV век „Св. Ѓорѓи“ и „Св. Никола“ изградени во близина на Валандово, значајна била и црквата „Св. Петар“, која се претпоставува дека била изградена во врска со некој култ, бидејќи се наоѓала покрај „култен“ извор. Во чест на чудотворните својства на водата од изворот „Св. Петар“, на верскиот празник Петровден, по традиција, се дава курбан.
Патописецот Евлија Челебија, го посетил градот во втората половина на XVII век и во својата белешка за Валандово меѓу другото вели: „Вландова е мало гратче, населено повеќе со христијани. Малку има муслимани. Населбата го носи името на нејзиниот основател- Вландова, кој го подигнал и манастирот (црквата „Св. Ѓорѓи“ по доаѓањето на Турците прераснала во манастир).
Гратчето има 150 куќи со 900 жители, а чаршијата е составена од 50 дуќани. Во него има и еден месџит (мала џамија без минаре) амам, два ана, медреса и текија… Опколено е со лозја и бавчи… Има и убав манастир, со калуѓери. Не сум видел поуреден манастир од него во земјите на манастирите…“
Во својата многувековна историја, Валандово повеќепати страдало од природни катаклизми (земјотреси, поплави, епидемии) и од наездите на туѓите освојувачи.
Во 518 година, го збришал силен земјотрес.
Во март 1931 година, го уништил силен земјотрес. Најмногу жртви имало во Пирава.
Водата е извор на животот во Валандово и валандовско. Таа го облагородува земјиштето и придонесува за градинарството и лозарството (памук, афион, грозје, калинки, јапонско јаболко, маслинки).
Покрај калинките, грозјето, водата- денешно Валандово го има епитетот и „Град на песната“ се разбира онаа изворната, народната.
Музичкиот фестивал „Фолк Фест“ Валандово, прв пат во градот се одржал во месец мај 1984 година.
Тука се родија и најубавите македонски песни…
БАЈРАМБОС
Селото се наоѓа на крајниот источен дел на територијата на општина Валандово, во изворишното подрачеј на Анска Река. Атарот на селото се допира со државната гранична линија со Грција и со територијата на општина Дојран. Селото е ридско на надморска височина од 480 метри. Од градот Валандово селото е оддалечено 16 км.
Според последниот попис во 2021 година селото има 1 жител.
БАЛИНЦИ
Селото се наоѓа во плодното Валандовско поле, односно во јужниот дел од територијата на општина Валандово. Селото е рамнинско на надморска височина од 105 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 5,5 км.
Атарот на селото не е многу голем и зафаќа простор од 5,5км2. Селото има полјоделска функција.
Според последниот попис во 2021 година во селото има 366 жители.
БАШИБОС
Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Валандово, во изворишното подрачје на Анска Река. Атарот на селото се допира со подрачјето на општините Дојран и Струмица (на еден тесен дел). Селото е ридско, сместено на надморска височина од 269 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 14 километри.
Според последниот попис во 2021 година во селото живеат 110 жители.
БРАЈКОВЦИ
Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Валандово, во средишниот дел на плодното Валандовско Поле. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 110 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 6 километри.
Атарот на селото зафаќа простор од 6 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 262,3 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 252,6 хектари, додека на пасиштата 39,5 хектари.
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото работат две продавници.
Од земјоделските култури најмногу се одгледува пченица, бостан, тутун, киви, обични и јапонски јаболки и друго.
Според последниот попис во 2021 година во селото живеат 384 жители.
ГРЧИШТЕ
Селото се наоѓа во областа Бојмија, во крајниот јужен дел на територијата на општина Валандово, од левата страна на реката Вардар, чиј атар се допира со територијата на општина Гевгелија. Од градот Валандово селото е оддалечено 11 километри. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 70 метри.
Атарот зафаќа површина од 15,6 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 389,8 хектари, на шумите отпаѓаат 510,4 хектари, а на пасиштата 404,3 хектари.
Според пописот во 2021 година во селото има 176 жители.
ДЕДЕЛИ
Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на општина Валандово, чиј атар се допира со подрачјето на општина Дојран. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 185 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 6,5 километри.
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1105.
Според податоците од пописот во 2021 година во селото живеат 252 жители.
ЈОСИФОВО
Ова големо село се наоѓа во западниот дел на територијата на општина Валандово, на патот Валандово-Удово, чиј атар на тесен дел се допира со Гевгелиското поле, односно со територијата на општина Гевгелија. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 68 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 9 километри.
Покрај селото поминува регионалниот пат 1105.
Селото се наоѓа во близина на течението на реката Вардар. Јосифово е ново и современо населено место. Селото традиционално било поделено на две маала, Горно и Долно Маало, кои се меѓусебно раздалечени. Поголемо по површина и побројно по население е Долното Маало. Во 2014 година, Горна Маала е одвоена и прогласена за самостојно село.
Со белези на руралност, сепак може да се истакне дека селото е урбанизирано, со изградена канализација, основно училиште, пошта, бензинска пумпа, голем и мал спортски терен, маркети, земјоделска аптека како и други погодности кои треба да ги ужива денешниот човек, особено во селска средина. На ова село е надоврзано селото Калково, кое се наоѓа на северната страна од Јосифово и е населено со Турци.
Во 2021 година во Јосифово има 1.651 жител.
КАЗАНДОЛ
Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на општина Валандово, чиј атар се допира со подрачјето на општина Богданци. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 350 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 8 километри.
Селото Казандол се наоѓа во областа Бојмија, сместено на едно од голите ритчиња што ги има околу селото.
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1401, пред неговото спојување со регионалниот пат 1105.
Според пописот во 2021 во селото живеат 182 жители.
КОЧУЛИ
Селото се наоѓа во крајниот источен дел на територијата на општина Валандово, на југозападните огранки на планината Беласица, а чиј атар се допира со подрачјето на општина Струмица. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 305 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 13 километри.
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1105 кај селото Раброво и продолжува како локален пат преку селото Чалакли.
Според пописот од 2021 година селото брои 53 жители.
МАРВИНЦИ
Селото се наоѓа во областа Бојмија, во јужниот дел на територијата на општина Валандово, од левата страна на реката Вардар, а нејзиниот атар се допира со подрачјето на општина Гевгелија. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 114 метри.
Атарот на селото зафаќа површина од 7,6 км2. На него обработливото земјиште зазема површина од 311 хектари, на шумите отпаѓаат 227 хектари, а на пасиштата 137 хектари.
Селото, во основа, има полјоделска функција.
Селото според пописот во 2021 година брои 437 жители.
ПИРАВА
Ова големо село се наоѓа, во средишниот дел на територијата на општина Валандово. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 110 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 4 километри, додека од патот Валандово-Удово е оддалечено само половина километар, но денес селото сѐ повеќе се доближува.
Атарот на селото зафаќа површина од 20,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.002 хектари, на пасиштата отпаѓаат 553 хектари, а на шумите 313 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во селото постои земјоделска задруга, и во селото работат продавници и угостителски објекти.
Селот според пописот во 2021 година има 1586 жители.
РАБРОВО
Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на општина Валандово, непосредно источно од самиот град Валандово, на оддалеченост од само два километри. Селото се наоѓа непосредно до патот Валандово-Струмица. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 160 метри.
Атарот зафаќа површина од 10 км2. На него шумите заземаат површина од 459 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 337 хектари, а на пасиштата 130 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Селото претходно имало рударска функција, бидејќи на нејзиниот атар се вадела хромна руда.
Според пописот во 2021 година во селото има 248 жители.
СОБРИ
Селото се наоѓа во југоисточниот дел на територијата на општина Валандово, во Валандовското поле. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 170 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 13 километри.
До селото може да се дојде преку два локални патишта, едниот кој се двои од регионалниот пат 1105, пред селото Дедели, додека другиот се двои од локалниот пат пред селото Чалакли.
Селото е сместено во јужното подножје на планината Беласица. Традиционално се дели на Горно и Долно Собри.
Според пописот од 2021 година во селото живеат 180 жители.
УДОВО
Селото се наоѓа во западниот дел на територијата на општина Валандово, чиј атар се допира со левиот брег на реката Вардар. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 90 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 13 километри.
Во селото се вкрстуваат регионалните патишта Р-1102 и Р-1105. Регионалниот пат 1102, кој го поврзува Скопје со Гевгелија, пред изградбата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица претставувал дел од европскиот коридор Е75.
Кај селото, во реката Вардар, се наоѓа вториот по големина остров во Македонија (и најголемиот речен остров во земјата), наречен Удовски остров, чија површина изнесува 6 хектари.
ЧАЛАКЛИ
Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на општина Валандово, во рамките на Валандовското Поле. Атарот се допира со подрачјето на општините Струмица и Дојран. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 160 метри. Од градот Валандово, селото е оддалечено 11 километри.
Селото е сместено на јужните падини на планината Беласица.
Според пописот од 2021 година селото има 412 жители.
РАСЕЛЕНИ НАСЕЛЕНИ МЕСТА ВО ОПШТИНА ВАЛАНДОВО
АЈРАНЛИ
Ајранли – раселено село во општина Валандово, во околината на градот Валандово.
Денес, од селото нема никакви видливи остатоци, освен т.н. „Тимова Чешма“, која се наоѓа на местото на некогашното село.
АРАЗЛИ
Селото се наоѓало во јужното подножје на планината Плавуш.
Се наоѓало во северозападниот дел на општина Валандово, од десната страна на реката Вардар, на надморска височина од 170 метри.
Крај селото тече Аразлиска Река и оди во југозападен правец, па се влева во Вардар.
До некогашното село води земјен пат, кој започнува од селото Удово, до кое има асфалтен пат.
БАРАКЛИ
Селото е наполно раселено по 1961 година, кога броело 15 жители Турско население.
Селото било лоцирано во северниот дел на општина Валандово, на надморска височина од 480 метри.
БАШАЛИ
Селото е наполно раселено по 1971 година, кога броело 57 жители.
Селото било лоцирано во северозападниот дел на општина Валандово, на надморска височина од 420 метри.
БУЛУНТУЛИ
Селото е наполно раселено по 1991 година, а до тогаш броело 5 жители.
Селото било лоцирано во источниот дел на општина Валандово, на надморска височина од 460 метри.
ВЕЈСЕЛИ
Селото е наполно раселено по 1953 година, кога броело 113 жители.
Селото било лоцирано во општина Валандово недалеку од градот во западен правец, на надморска височина од 230 метри.
ГРАДЕЦ
Селото е наполно раселено по 1991 година, кога имало 4 жители. Селото се наоѓало на територијата на општина Валандовона надморска височина од 290метри. Атарот зафаќал простор од 11,2км2.
ЃУЛЕЛИ
Селото е наполно раселено по 1953 година, кога што броело 66 жители. Селото се наоѓало на западниот дел на општина Валандово, на надморска височина од 180 метри.
ПЛАВУШ
Селото е наполно раселено по 1971 година и тогаш имало 22 жители. Селото се наоѓало на територија на општина Валандово на надморска височина од 500 метри.
ТЕРЗЕЛИ
Селото е наполно раселено во 1981 година кога имало 21 жител. Населбата се наоѓала на средишниот дел на територијата на општина Валандово, на надморска височина од 175 метри.
ЧЕШТОВО
Селото е наполно раселено по 1961 година, а дотогаш броело 12 жители. Селото се наоѓало во јужниот дел на територијата на општина Валандово, од левата страна на реката Анска Река, на надморска височина од 140 метри.
