ОПШТИНА ВАЛАНДОВО
Општина Валандово се наоѓа на југоисточниот дел на Република Северна Македонија, распространет на југ од Демиркаписката Клисура, источно од реката Вардар и на запад и север од планинските огранки на Плавуш и Беласица. На север, Општина Валандово се граничи со Општина Конче, на исток со Општина Струмица, на југоисток со Општина Дојран и Општина Богданци, а на запад со Општина Гевгелија. Оттука, Општина Валандово се наоѓа на патиштата кои водат кон Струмица и Дојран, а низ територијата на општината минува Автопатот Е-75. Општината е оддалечена 26 километри од граничниот премин „Дојран“, и 30 километри од граничниот премин „Богородица“, како и 48 километри од граничниот премин „Ново Село“. Територијата на општината Валандово се протега на 331 квадратни километри.
Релјеф
Според релјефот, Општина Валандово се дели на два дела: ридско-планински и рамничарски. Првиот зафаќа 208 квадратни километри (63% од територијата), и тоа: целата северна страна оградена со планината Плавуш, источната страна кон планината Беласица и јужната страна кон Погана. Рамничарскиот дел зафаќа 123 квадратни километри (37 %) и се протега од изворот на Анска Река, на подножјето на Беласица, по целиот нејзин тек, сè до нејзиното влевање во Вардар. Просечната надморска височина на општината изнесува 226 метри, а на валандовското поле 82 метри, со што Општина Валандово е една од најниските општини во Северна Македонија.
Хидрографија
По средишниот дел на Валандовската котлина се протега Анска Река, која претставува продолжение на Башибоска Река. Во јужната страна на општината тече реката Студена Вода, а на северната страна тече реката Мичковица, при што двете реки ги прифаќаат подземните води од јужниот и северниот масив. Студена Вода се влева во Анска Река кај месноста Страиште, а Мичковица се влева во Вардар, близу селото Марвинци.
Клима
Општина Валандово се одликува со средоземна клима, со многу топли денови, со блага зима, при што просечните температури се движат од -5 до 35 °C. Годишното количеството врнежи изнесува од 400 до 600 литри на квадратен метар, од кои најголем дел се во зимските и пролетните месеци. Во општината има 290 сончеви денови во текот на годината, просечната годишна температура изнесува 14,5 °C, а примената топлинска енергија надминува 4 000 степени годишно.
Минерални богатства
Валандовската котлина се наоѓа на седименти од геолошки и органски талози. Самата котлина претставува моќен расед со длабочина меѓу 300 и 500 метри. Тоа се потврдува со палеонтолошкиот наод на заби од лофодон (еден вид мамути), најдени покрај селото Прстен, што покажува дека во раните геолошки периоди, во котлината имало бујна растителна вегетација. Раседот на кој се простира Валандовската Котлина е причина за честите тектонски активности (земјотреси) кои го погаѓаат ова трусно подрачје, од кои најсилен бил земјотресот од 1931 година.
Во однос на минералните богатства, кај селото Раброво, до 1960 година, бил ископуван рудникот за хром, кај селото Казандол, биле пронајдени минерали богати со бакар, а над селото Бајрамбос биле вршени испитувања за присуство на минерали богати со благородни елементи.
