• Статут на Општина Валандово – пречистен текст (Преземи PDF)

 

II. НАДЛЕЖНОСТИ НА ОПШТИНАТА

Член 14

Општината самостојно, во рамките на законот и овој статут ги уредува и врши работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со Законот за локална самоуправа или друг закон, како и работите кои не се исклучени од нејзина надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Член 15

Општината е надлежна за вршење на следните работи:

  1. Урбанистичко (урбано и рурално) планирање, издавање на одобренија за градење на објекти од локално значење утврдени со Закон, уредување на просторот и уредување на градежното земјиште;
  2. Заштита на животната средина и природата, во смисла на превземање на мерки за заштита и пречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење;
  3. Локален економски развој, во смисла на планирање на локалниот економски развој; утврдување на развојните и структурните приоритети; водење на локална економска политика; поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемаштвото на локално ниво и во тој контекст, учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;
  4. Комунални дејности, во смисла на снабдување со вода за пиење; испорака на технолошка вода; одведување и пречистување на отпадниводи; одведување и третман на атмосферски води; јавно осветлување; одржување на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комунален цврст и технолошки отпад; уредување и организирање на јавниот локален превоз на патници; одржување на гробовите, гробиштата и давање погребални услуги; изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта и улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградба и одржување на улична сообраќајна сигнализација; изградба и одржување на јавен простор за паркирање; одстранување на непрописно паркирани возила; одстранување на хаварисани возила од јавните површини; изградба и одржување на пазари; чистење на оџаците; одржување и користење на паркови, зеленило, парк-шуми и рекреативни површини; регулација, одржување и користење на речните корита во урбанизирани делови; определување на имиња на улици, плоштади и други инфраструктурни објекти;
  5. Култура, во смисла на институционална и финансиска поддршка на културните установи и проекти, негување на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности; организирање на културни манифестации; поттикнување на разновидни специфични форми на творештво;
  6. Спорт и рекреација, во смисла на развој на масовен спорт и рекреативни површини; организирање на спортски приредби и манифестации; одржување и изградба на објекти за спорт; поддршка на спортски сојузи;
  7. Социјална заштита и заштита на деца, во смисла на финансирање, инвестиции, одржување и сопственост на детски градинки и домови за стари; остварување на социјална грижа за инвалидни лица, деца без родители и родителска грижа; деца со воспитно-социјални проблеми; деца со посебни проблеми; децата од еднородителски семејства; децата на улица; лицата изложени на социјален ризик; лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохл; подигање на свеста на населението; домување на лица со социјален ризик; остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст;
  8. Образование, во смисла на основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, како и организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;
  9. Здравствена заштита, во смисла на управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита во кои општината е застапенаа во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост; здравствено воспитување; унапредување на здравјето; превентивни активности; заштита на здравјето на работниците и заштита при работа; здравствен надзор над животната средина; надзор над заразните болести; помош на пациенти со специјални потреби и други области определени со закон;
  10. Спроведување на подготовки и превземање на мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив;
  11. Противпожарна заштита вршена од територијална противпожарна единица;
  12. Надзор над вршењето на работи од надлежност на општината;
  13. Други работи определени со закон;

Член 16

Работите од членот 15 на овој Статут, се уредуваат со прописи на Советот на општината, во согласност со постапките и стандардите утврдени со закон.

Работите од членот 15 на овој Статут, кои задолжително ќе ги извршува општината ќе бидат определени со посебните закони и национални програми.

Член 17

Работите кои не се исклучени од надлежност на општината или не се во надлежност на органите на државната власт се определуваат со одлука на Советот на општината.

Со одлуката од став 1 на овој член се уредува начинот и постапката за вршење на тие работи.