30 РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВАЛАНДОВО
Одржана е 30 редовна седница на Советот на општина Валандово на која беа донесени одлуки кои опфаќаат најразлични сфери од функционирањето на нашата локална заедница.
Донесена е одлука за прифаќање на проект за нова детска градинка во Пирава. Децата од ова населено место, ќе добијат нов и современ објект по највисоки стандарди.
Изгласана е одлука за утврдување приоритет на проектот за нов водоснабдителен систем во Калково и решавање на еден од најголемите проблеми на населеното место.
На дневен ред беа и извештаите за реализација на годишните програми за јавно осветлување, како и за изградба и реконструкција на локални улици и патишта. Наредниот период, покрај реализацијата на започнатите проекти за нова патна инфраструктура, ќе започнат и постапки за изградба на нови улици во Марвинци и Казандол, како и за изградба на повеќе локални сокаци.
Во делот на образованието значително беше зголемена финансиската поддршка, за наградени ученици и ментори од државни и меѓународни натпревари. Истата, има за цел да ги стимулира учениците кон повеќе знаење и да ја мапира вредноста која треба да се следи.
Покрај ова, беа обезбедени финансиски средства за поддршка на ЈП „Комунален Сервис“ со цел зајакнување на неговата ликвидност. Како исклучително важен елемент за заедницата, општината е целосно посветена кон негова поддршка и развој.
Беа донесени и годишни извештаи за работата на неколку локални институции, изгласана е програмата за работа на ЈОУ Дом на култура „25 Мај“, а се работеше и по други точки од интерес за локалната заедница.