АКТИВНОСТИ ЗА ЗАШТИТА НА АРХЕОЛОШКАТА И КУЛТУРОЛОШКАТА ВРЕДНОСТ И ПОСЕБНОСТ НА ОПШТИНА ВАЛАНДОВО
Во Домот на култура „25 Мај“ - Валандово активно се работи на изработка и регистрација на археолошка збирка и нејзино комплетно уредување. Процесот на изработка на археолошката збирка е од суштествено значење за селекцијата и увидот во археолошко - културолошката вредност која е произлезена од локалитетите во општина Валандово и нејзино презентирање.
Покрај археолошката збирка, Домот на култура „25 Мај“ - Валандово, годинава доби средства од Министерството за култура за водење, збогатување, функционирање и опремување со етнолошки предмети и нивно презентирање пред јавноста. Во контекст на ова, деновиве беа донесени две двосливни монолитни фронтони кои се дел од надгробен споменик - мавзолеј од римско време, кои потекнуваат од археолошкиот локалитет „Турско Гробиште“ во Пирава.
Целта на создавање на овие збирки е граѓаните од општина Валандово и пошироко да имаат увид во културолошката посебност и вредност на овие простори и да ја развијат свеста и љубовта кон сопствената култура, наследство, традиција и богатство.
?