Античка историја

На просторот на денешно Валандово во античко време постоела римска населба, за што сведочат откриените римски мозаици и други археолошки материјали во разните делови на градот. На подрачјето на Општина Валандово биле откриени четириесет археолошки локалитети, меѓу кои позначаен е античкиот град Исарот, кај селото Марвинци, кој се идентификува со древниот град Идомена чие потекло било од крајот на 5 век п. н.е. и се наоѓал на патот Солун – Белград. Градот доживеал процут во римско време, но во почетокот на 6 век бил разурнат од силен земјотрес.

По исчезнувањувањето на античкиот град Исарот, во значајна стратешка населба во Валандовската котлина прераснало Валандово. Одделни изворни материјали и преданија говорат дека античкиот град врз чии темели лежи денешно Валандово, во раниот византиски период бил споменуван со името Микро Константинопол (Мал Цариград)

Средновековна историја

Словените се населиле во Валандово и во неговата околина кон крајот на 6 век или во почетокот на 7 век. Тогаш биле забележани големи промени, како во однос на структурата на населението, така и во менувањето на топонимите на населените места. Во писмените извори градот првпат се споменува во 10 век со името Валандер. Но, тоа не значи дека Валандово како населба, не постоело и пред тоа. Потврда се археолошките наоди во градот. Името „Валандер“ било добиено од „убавата местоположба на градот во долината“. Убава долина или добра долина, на старословенски јазик значело „валјан дол“ („валандол“ односно Валандово) . Инаку убавата валандовска долина ги имала и епитетите: „златна долина“, „зелена долина“ и сл.

Средновековно Валандово било споменувано и со името Алавандово, во значење на „цветен град“ („град на цвеќето“). Под ова име градот бил споменат во една црковна повелба на српскиот цар Душан од 1349 година.[2] Од зборот „Алавандово“, со отпаѓање на првата буква „а“ и преку метатеза на првите слогови, било добиено името Валандово.

Современа историја

 

Валандово во почетокот на XX век

Валандово во својата многувековна историја имало многу падови и подеми. Градот повеќепати настрадал од природни катаклизми (земјотреси, пожари, поплави, епидемии и сл.) како и од воени дејствија на туѓите освојувачи на овој простор. Во историјата на градот Валандово мошне е значаен 19 век, кога благодарение на погодната местоположба достигнал голем развој. Според кажувањата, тогаш во градот била развиена трговијата. Се извезувало: добиток, кожи, пастрма, масло, волна, свила, калинки, грозје и други земјоделско-сточарски производи, и тоа претежно во Солун.

Во 19 век Валандово било многу важно транзитно-сообраќајно место. Во патните правци север-југ секојдневно се движеле трговци и кираџии, со карвани и запрежни коли, натоварени со трговска стока. Ова многу придонело во Валандово да живне стопанската активност, да се развијат трговијата и занаетчиството.