Општина Валандово се наоѓа во југоисточниот дел на Р. Македонија. Се наоѓа на југ од Демиркаписката клисура, источно од реката Вардар и на запад и север од планиските ограноци на Плавуш и Беласица.

Територијално на север се граничи со општина Конче, на исток со општина Струмица, на југоисток со општините Дојран и Богданци а од запад со Гевгелија. На исток граничи и со Р. Грција.

Валандово е раскрсница на многу значајни патишта кои водат кон Скопје, Гевгелија, Дојран и Струмица. Низ Валандовската општина минува и автопатот Гевгелија – Скопје.

Во Близина на општина Валандово има три гранични премини. Граничниот премин кон Р. Грција, Дојран е оддалечен 26 км, Богородица 30 км, а граничниот премин Ново село кон Р. Бугарија е оддалечен 48 километри.

Општина Валандово е релативно голема општина со 331 км². Според стапката на надморска висина со просечни 226 метри спаѓа во најниските општини во Р.Македонија. Просечната стапката на височина на Валандовското поле е 82 метри.

Според конфигурацијата на теренот, подрачјето на Општината може да се подели на два дела: ридско-планински и равничарски.

Ридско-планинскиот дел зафаќа околу 20,8 км² или 63% од целокупната површина на Општината и тоа: целата северна страна на градот оградена со планината Плавуш, од исток со Беласица и од југ со Погана.

 

Равничарскиот дел зафаќа површина од 12,3 км² или 37% од површината на Општината и се протега од подножјето на Беласица т.е од изворот на Анска Река, по целото нејзино течение, па се до влевањето во реката Вардар.