Роднокрајната културна и историска традиција на градот на калинките, градот на ФОЛК ФЕСТ е многу богата и разновидна.

Валандовската Котлина со својата погодна географска положба и плодноста на земјиштето, била отсекогаш мета на разни завојувачи и освојувачи на туѓи територии, дојдени од Исток или од Запад, како и од Медитеранот. На овој простор се вкрстувале разни култури, кои оставиле многу траги од непроценлива материјална и културна вредност, за што сведочат многуте археолошки наоди.

Општина Валандово е една од најстарите градски општини во Република Македонија, со свои традиции, обичаи и богат културен живот.

Културниот центар „25-ти Мај“ е формиран во 1983 година, со здружување на киното „Хром“, пионерскиот дом и локалната радио станица. Како културна институција има доминантно место во Општината и дава значаен придонес во збогатувањето на културно-забавниот живот на граѓаните. Во составот на домот работи и матичната библиотека „Гоце Делчев“ од Валандово. Инаку во неговите простории се сместени повеќе културни институции и организации, како: „Музејска збирка“ „Фолк Фест“ Валандово, КУД „ Гоце Делчев“ Валандово, „Распеани Валандовчани“, Радио Валандово. Преку него се реализирани поетски читања, ликовна колонија, концерти, промоции на книги, курсеви по странски јазици.