Денес (29.06.2018г.) во Домот на култура “25 Мај” Валандово, се одржа настан на тема “На секое дете му треба семејство”.

Настанот е во организација на јавната установа “Центар за социјална работа” Валандово, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и UNICEF. На истиот, свое обраќање имаа градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов, претставникот на UNICEF, Бенџамин Перкс, претставник на МТСП, како и директорката на ЈУЦСР Валандово, Елка Калова.

   

Градоначалникот, Перо Костадинов меѓу другото истакна дека ја поздравува кампањата и повика на масовно актуелизирање на темата. Истакна дека политиката на деинституционализација е корисна и мора сите да се вложиме целосно за нејзино имплементирање во нашата заедница. Дека тоа е еден од предусловите да изградиме заедница полна емпатија и љубов. Да создадеме здрава средина со среќни луѓе, која ќе биде предодредена на успех. Зад нас да оставиме добродетелство, и со истото да се соочиме пред нас. Тој повика да се пронајдеме во стратегијава на МТСП и да ја искористеме понудената шанса. Затоа што, на секое дете му треба семејство. И, затоа што секој заслужува дом.
 
Настанот е дел од кампања која се спроведува низ целата држава и која има за цел подигање на свеста за децата кои имаат потреба од згрижување, како и поефективно спроведување на националната стратегија за деинституционализација, започната од МТСП.