Исар Марвинци

ИСАР Марвинци во Валандовската котлина

                Локалитетот Исар се наоѓа над селото Марвинци, од неговата југозападна страна. Ридот е достапен од јужната страна преку широко седло. Уште од времето на раната антика оттука поминувал патот кој од акрополата се спуштал до нивото на коритото на Вардар и продолжувал кон Грчиште, односно Глоска Чука. Тука на местото познато како сепарација Вардар има цврсто каменито дно, кое овозможувало полесно поминување на другата страна на реката. Другите страни на исарот се стрмни, околност која давала сигурност и заштита на населбата што тука настанала и одржала над 1500 години. Исарот е истурен пункт среде котлината каде дуваат силни ветришта. Акрополата што се наоѓа на највисоката кота од 131 метар надморска височина морала да биде добро заштитена од атмосферските прилики на регионот. Најстарите траги од населбински слоеви се исклучително впечатливи. Куќите за живеење се лоцирани на позиции потпрени до карпите, при што на поедини места карпите се засекувани до одредена длабочина за да се постигне стабилност и заштита на стамбените и економски објекти.

                Ваква слика даваат остатоците од најстарата населба која се простира под акрополата, а особено на сртот кој се протега југоисточно од подоцнежниот римски каструм. Конфигурацијата на теренот каде се распослала населбата на исарот ја условила формата и типот на населбата. Тоа е населба од разбиен тип, со објекти лоцирани на места погодни за егзистенција. Како најкпактна се јавува раноантичката акропола со објекти кои припаѓале на станбени градби. Идните пообемни ископувања секако ке овозможат да се согледа поцелосно урбанистичката слика на населбата. Некрополите од било која временска епоха се распослани на огромен простор насекаде околу градот, допрени до квартовите од просторот за живеење. Од акрополата патот се спушта преку јужната акропола и водел кон подножјето на Исарот, појава вообичаена во антиката. Плодната околина секако погодно влијаела врз развитокот на населбата и развивањето на популација со животни продукти, особено со житните производи. Дека овој прехранбен производ бил од особена важност за жителите се потврдува со изразито присуство на питуси за складирање на жита откриени насекаде во населбата, констатирани во сите хоризонти на живеење, од рано железно време преку раноантичкиот период, времето на хеленистичкиот период, особено во доцната антика, кога оваа појава е највпечатлива. Населбата на Исарот немала недостиг на вода. Непосредната близина на реката Вардар секако била од примарно значење вода за пиење е користена од изворите кај Јанова чешма уште од најрани времиња. Во рано римскиот период изграден е целосен систем на водовод. Во секој случај, на највисоките тераси на Исарот непосредно под акрополата, откриени се системи за вода кои пикажуваат присуство на големи количини : изградени канали на водовод, градски терми со целосен систем за присусто на вода во објекти од ваков вид.

                Најстарата информација која се однесува на Исар Марвинци и неговата околина потекнува од времето на Првата светска војна, кога на локалитетот се откриени и во меѓувреме од страна на В.Пингел и Драгендорф се објавени неколку предмети  од локалитетите кај Дедели и Марвинци. Локалитетот од дамнешни времиња служал како мајдан од каде месното население се снабдувало со камен, при што многу погодни блокови се вградувани во селските куќи.

                Во 1984 година на Исар Марвинци беше откриен стадион - патоказ - правоаголна плоча од зелен камен - песочник на која од обете страни е испишан кус теткст на грчки јазик. Неговата содржина е - "Од Добер до Идомене (има) 20 стадија " и " Од Идомене до Добер (има) 20 стадија " е информацијата наменета за патникот кој излегува и патникот кој влегува во градот. Кога се знае дека вредноста на стадијот изнесува 164-185 метри во денешни мерки тоа значи дека растојанието помеѓу Добер и Идомене изнесува околу 3 ипол километри. Стадионот патоказ датира од крајот на 3. или почетокот на 2.век пр.н.е., односно во времето на кралот Филип V.

                Печка за керамика која по рушењето не е расчистувана. нејзината содржина од десетина големи стомни е сочувана до денес што може да видите на првата слика подолу a на сликата до неа од просторот каде се протега Римската некропола, откриени се остатоци од куќи со питуси за чување на житната храна сочувани in situ.


                Лисичи Дол , некропола со најголема концентрација од железно време на локалитетот.

               

Култура

Роднокрајната културна и историска традиција на градот на калинките, градот на ФОЛК ФЕСТ е многу богата и разновидна.

Валандовската Котлина со својата погодна географска положба и плодноста на земјиштето, била отсекогаш мета на разни завојувачи и освојувачи на туѓи територии, дојдени од Исток или од Запад, како и од Медитеранот. На овој простор се вкрстувале разни култури, кои оставиле многу траги од непроценлива материјална и културна вредност, за што сведочат многуте археолошки наоди.

Општина Валандово е една од најстарите градски општини во Република Македонија, со свои традиции, обичаи и богат културен живот. 

Културниот центар „25-ти Мај“ е формиран во 1983 година, со здружување на киното „Хром“, пионерскиот дом и локалната радио станица. Како културна институција има доминантно место во Општината и дава значаен придонес во збогатувањето на културно-забавниот живот на граѓаните. Во составот на домот работи и матичната библиотека „Гоце Делчев“ од Валандово. Инаку во неговите простории се сместени повеќе културни институции и организации, како: „Музејска збирка“ „Фолк Фест“ Валандово, КУД „ Гоце Делчев“ Валандово, „Распеани Валандовчани“, Радио Валандово. Преку него се реализирани поетски читања, ликовна колонија, концерти, промоции на книги, курсеви по странски јазици.

ГРАДСКА БИБЛИОТЕКА

Постоечката библиотека во Валандово е формирана во 1945 година и најпрвин била сместена во куќата на Ристо Стамков во самиот центар на градот. На почетокот броела 850 наслови кои биле подарени од домашните библиотеки на граѓаните од општината. До 1956 година градската библиотека во Валандово се викала Народна Библиотека, а потоа го добила сегашното име “Гоце Делчев”. Библиотеката од 1955 до 1959 година работела во куќата на Јован Јованов, а од 1959 година до 1961 година во просториите на пензионерскиот дом, односно малата ресторанска просторија на ЗК “Анска Река”. Од 1961 до 1981 година била сместена во просториите на некогашната кафеана “Балкан” . Од 1981 година библиотеката “Гоце Делчев” е сместена во просториите на културниот дом во Валандово.

Прв библиотекар бил Ристо Турунџиев а кратко по него работеле Пандора Гетова и Ѓорѓи Стојчев.  Од 1951 година за одговрен библиотекар бил поставен Васил Каракамчев кој работел се до неговото пензионирање, во 1987 година, во овој период од 1981 со работа како библиотекар исто така започнува Марика Манчева која работела се до 2011 година. Денес одговорен библиотекар е Љилијана Нанова која започнала со работа во 1997 година .

Библиотечниот фонд од самото формирање на библиотеката бил во постојан пораст и во 1995 година изнесувал 27 500 публикации а до ден денешен тој број е зголемен на фонд од 36 620 книги , кои се поделени во оддел за возрасни кој содржи 25 605 книги , оддел со книги за деца кој содржи 11 023 книги и роднокрајна збирка која брои 173 книги. Библиотеката е збогатена со книги од неколку капитални проекти на Владата на Р.Македонија како што е проектот “Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници”, проектот “Ѕвезди на светската книжевност” и проектот “Нобеловци”.

ФЕСТИВАЛИ

1. Валандово е познaт и по својот музички фестивал ФОЛК ФЕСТ. Фестивалот се одржува на  23, 24, 25 мај секоја година. ФОЛК ФЕСТ се одржува во континуитет на богатата и долга  музичка  традиција во регионот. Започнал да се одржува од 1985 година и веќе 22 години опстојува како нова традиција во државата. Од ФОЛК ФЕСТ Валандово се излезени голем број на хитови и многу познати пејачки имиња од македонската естрада.

Во 1989 година е изградена сала која брои 1.200 седишта, и во која веќе 19 години успешно се одржува манифестацијата. Секоја година се врши пренос од Македонската телевизија и фестивалот е гледан не само од домашната публика, туку и во дијаспората.

2. Фестивалот на пролетни веселби  ХИД- БАХ ШЕН ФЕСТ, е манифестација која постои од 1992 година , и непрекинато се одржува секоја година во селото Чалакли, Валандово, во почетокот на месец мај. Самиот фестивал е истовремено прослава на пролетните празници, како дел од традицијата на турското население, но истовремено и промоција на турската култура и традициа, представена во повеќе форми. ХИДРЕЛЕЗ е празник кој го означува почетокот на новиот циклус во природата, на нејзината обнова, и затоа тој претставува апотеоза (обред на воздигнување), од што потекнува и мотото на фестивалот.

Фестивалот трае четири (4) дена и се состои од следниве содржини : фолклор, изложби на ракотворби и фотографии, концерти, театарски представи, традиционално пеливанско борење и фудбалски турнир.

ВАЛАНДОВСКА РАКИЈАДА

Ракијадата е манифестација која од 2000 година се одржува во Валандово. Од 2005 година се одржува на градскиот базен во оВаландово под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Валандово. Ракијадата има пред се друштвен, а и натпреварувачки карактер. Учесниците на ракијадата се натпреваруваат во варење на ракија, а учесници можат да бидат оние кои уживаат во традиционалното варење ракија. Секоја година има учесници од општина Валандово и од други општини, а се планира да има учесници и од други земји со што би добила и меѓународен карактер.. Од година во година ракијадата има се позначаен дел од културата во регионот, а и пошироко.

 МАНАСТИР „ СВ. ЃОРЃИ “

Ова верско светилиште се наоѓа во еден живописен предел на планината Плавуш, северозападно од Валандово, расположено во тишината и спокојот на природата, на чија убавина најповеќе се воодушевува окото на намерникот, на љубопитникот.

Во средниот век на овој простор постоела мошне убава црква, посветена на Свети Ѓорѓи, од која зрачела убавината на валандовското поднебје. Неа ја подигнал српскиот цар Стефан Душан во 1349 година, а ја граделе неимари со развиена смисла за естетика.. Во 1349 година, црквата заедно со својот имот, царот Душан ја подарил на Атонскиот манастир на островот  Атос. Во црковната повелба било нагласено дека средновековната црква Св. Ѓорѓи, има свои имоти во атарите на Валандово, Пирава и Раброво.

Според едно старо предание, кога Марко Крале се враќал од Прилеп од прошетка во планината Беласица, каде што ја одмерил својата сила фрлајќи големи камења во Дојранското езеро од кои еден се забил во месноста Дикили Тас северозападно од Дојран откако ја минал Анска река, го запрел коњот Шарец над Валандово, во месноста Манастирот. Влегол во црквата Свети Ѓорѓи и се помолил на Господ. По краткиот одмор го продолжил патот кон Прилеп.

По доаѓањето на Турците во Валандово, црквата Свети Ѓорѓи прераснала во манастир. Манастирската црква и конаците околу неа, биле оградени со високи и дебели ѕидови, скопчани со тешка железна врата.

Градбата на црквата е од камен, а во основата е спуштена за една степеница под нивото на бетонираниот трем, кој е нешто повисок од нивото на земјата. Оваа еднокорабна црква со низок свод , чија поставеност е во насока исток-запад,лоцирана е до брегот на една удолница. Некои од иконите се изработени по земјотресот кој бил 1931 година и ја разурнал црквата, но има и такви кои се изработени во поново време. Олтарната преграда што ја сочинува малиот иконостас, ја има дебелината на рамките на иконите.Во средината на јужниот ѕид се наоѓа таканаречениот владички стол, а лево од него се иконите. 

Манастирскиот простор денес е прекрасно среден и претворен во излетничко место, место за уживање и одмор. Инаку амбиенталното обликување на просторот околу манастирот ќе придонесе ова светилиште да служи, не само за развивање на интензивен религиозен живот, туку и за одмор и рекреација.

 

 

 

ПУШТЕНА ТРЕТАТА БАВНА ЛЕНТА НА ПАТОТ ВАЛАНДОВО-СТРУМИЦА

 

 

Заврши изградбата на дополнителна трета лента во должина од 500 метри на патот Валандово-Струмица, на валндовско брдо. Со постоечката лента за спори возила во должина од 140 метри и дополнителните половина километар, се доби нова лента во должина од 640 метри и ширина од 3 метри. Претходно минатата година беше асфалтиран патот во должина од 4 километри, уреден со банкини, четри места за разминување, еластична одбојна ограда, нови знаци и патокази.

Потрошени се околу 30 милиони денари.

Надлежните велат дека се подобрува безбедноста на сообраќајот и подобриот проток на возила.

„Минатата година кога завршивме финансиската конструкција изнесуваше некаде околу 25 милиони денари, оваа година со проширувањето на околу уште 500 метри на додатните 450 метри и оние 4 километри, се уште 4,5 милиони денари. Секако и наредната година планираме да продолжиме со ова темпо, во меѓувреме стручните служби од јавното претпријатие и стручниот надзор веќе лоцираа две-три црни точки и се надевам дека и наредната година, како и оваа, ќе зборуваме за доплнително проширување и намалување на оние опасни кривини и намалување на брзината“, рече Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за државни патишта.

„Овој пат на кој што денеска стоиме и овие проширувања коишто ги гледаме ќе претставуваат безбедност во движењето на граѓаните од Штип, Радовиш, Конче, Ново Село, Босилево, Василево, Дојран, Богданци, движејќи се кон Дојран, бидејќи тоа е тоа е трустичко место кое ги врзува овие градови од југоисточниот плански регион. Што значи дека некаде околу 200 илјади луѓе безбедно ќе се движат“, рече Николче Чурлиновски, градоначалник на Валандово.

Во присуство на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Љупчо Ѓорѓиевски и градоначалникот на Општина Валандово, Николче Чурлиновски, на ден 16.08.2014 година (сабота) беше пуштена во употреба новата трета - бавна лента на патот Валандово-Струмица (Валандовско Брдо).

Како што изјави директорот на ЈП за државни патишта, Ѓоргиевски, со новата трета лента ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот на оваа делница, која претставуваше тесно грло.

Ова проширување со трета лента е во должина од 500 метри и заедно со порано изградените 140 метри изнесува 640 метри со коловоз од три метри по кој ќе се движат тешките товарни возила. Инвестиционата вредност на овој проект е 4,5 милиони денари“ - рече Ѓоргиевски.

ЧЕТИРИНАЕСЕТТА РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВАЛАНДОВО

Советот на општина Валандово на ден 26.08.2014 година (вторник) во 20 часот во салата за седници на Советот на Општина Валандово ќе ја одржи својата четиринаесетта седница со вкупно 8 точки на дневен ред.

Дневниот ред ќе се состои од следните точки:

1.       Квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Валандово за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2014 до 30.06.2014 година.

2.       Информација за јавната безбедност и безбедност на сообраќајот на подрачјето на општина Валандово за првото полугодие од 2014 година;

3.       Предлог-Одлука за утврдување на Нацрт урбанистички план за вон населено место „Јосифово„ за изградба на комплекс со намена Г2, Г3 и Г4 на КП 652 во КО Јосифово;

4.       Предлог- Одлука за давање согласност за користење на недвижни и подвижни ствари сопственост на Општина Валандово на ЈЗУ „Здравен дом„ Валандово за реализација на Проект „Рурален доктор„ ;

5.       Предлог-Одлука за давање на користење-закуп недвижен имот сопственост на Општина Валандово во село Собри на ТПД „АПОСТОЛОВ-КОМПАНИ„ ДООЕЛ Нов Дојран, Општина Дојран;

6.       Предлог-Одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти на подрачјето на Општина Валандово;

7.       Предлог-Одлука за одобрување на финансиска поддршка на ФК„Црвена Звезда„ Јосифово  за натпреварување во третата Македонска фудбалска лига за сезоната 2014-2015 година;

8.       Предлог-Одлука за одобрување на средства за финансиска поддршка за одржување на 15-тиот меморијален концерт „ЦАЛЕ 2014„ Јосифово;

Страница 35 од 37

Линкови

Go to top