ОПШТИНА ВАЛАНДОВО

ДЕЛОВНИК

на Советот на Општина Валандово

 

Валандово, мај 2013 година


            Врз основа на член 21 став 1 точка 2, член 45 и 46 од Статутот на Општина Валандово, Советот на Општина Валандово, на седницата одржана на ден 23.05.2013 година, донесе

 

ДЕЛОВНИК

НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВАЛАНДОВО

 

I.  ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

            Со овој деловник поблиску се уредуваат определени прашања сврзани со организацијата и начинот на работа на Советот на Општина Валандово (во натамошниот текст: Советот), конституирањето, односно верификацијата на мандатот на членовите на Советот, правата и должностите на членовите на Советот, правата и должностите на претседателот на Советот, работата на Советот, неговите комисии, и посебните тела на Општината, програмирањето на работата на Советот, јавноста во работата на Советот и неговите комисии, актите на Советот, донесувањето прописи од надлежност на Советот, претресувањето извештаи, анализи и други материјали, давањето согласност на статути и годишни сметки, односите на Советот со градоначалникот, односите на Советот со јавните служби, установи и претпријатија, односите на Советот со Советите на други општини, вршењето на стручни работи за потребите на Советот, иамените на деловникот, како и други прашања од значење за работата на Советот.

 

Член 2

            Работата на Советот, постојаните и повремените комисии е јавна, освен во случаите определени со закон, Статутот на Општина Валандово (во натамошниот текст: Статутот) и со овој деловник.

 

Член 3

Во работата на Советот службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

На седница на Советот можат да одржат говори странски државници и граѓани на странски држави како гости.

Говорот одржан на јазикот на странски државници и граѓани на странски држави, се преведува на македонски јазик.

 

II. КОНСТИТУИРАЊЕ НА СОВЕТОТ

 

  1. Верификација на мандатите на членовите на Советот

 

Член 4

Конституирањето на Советот се врши на првата конститутивна седница на Советот.

Советот е конституиран докoлку на коститутивната седница присуствуваат и им се верификуваат мандатите на мнозинството од вкупниот број членови на Советот.

Мандатите на членовите на Советот се верифицираат по предлог на Верификациона комисија.

 

Член 5

Верификационата комисија ја избира Советот од редот на  членовите на кои врз основа на постигнатите изборни резултати, Општинската изборна комисија им издала Уверенија за извршениот избор на последните локални избори.

 

Член 6

Верификационата комисија, може да оспори Уверенија издадени од Општинската изборна комисија, за избор на одделни членови  на Советот и да предложи верификацијата на мандатот да се одложи заради утврдување дали тие се издадени согласно постигнатите изборни резултати на учесниците.

Верификационата комисија може да предложи одлагање на верификацијата на мандатот на одделен член на Советот, и заради тоа што:

- со сигурност не може да се утврди неговиот идентитет (исто име и презиме со други личности);

- постојат индиции за можна неспојливост на функцијата (вработен е во општинската администрација или презел функција или  должност која со закон е утврдена како неспојлива со фунцијата член на совет);

- настапила фактичка неможност за верификација на мандатот под услови утврдени со закон (во случај на смрт, престанок на жителството во општината, правосилна пресуда за кривично дело или донесено решение за одземање на деловната способност).

 

Член 7

Верификационата комисија му поднесува извештај на Советот со предлог на кои членови на Советот треба да им се верификуваат мандатите, а на кои треба да се одложи верификацијата на мандатите.

Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, одлучува за верификација на мандатите на присутните членови на Советот.

Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, одлучува за секој предлог на Верификационата комисија, за одлагањето на верификацијата на мандатот на членови на Советот.

Доколку предлогот за одлагање на верификацијата на мандатот не го добие потребното мнозинство се смета дека Советот, го верификувал мандатот на членот на Советот, чие  одлагање се барало.

Одлагањето на верификацијата на одделни мандати по предлог на Верификационата комисија, не може да биде подолго од 2 месеца.

Член на Советот чиј мандат е оспорен или чија верификација е одложена, има право да присуствува на седница на Советот и да учествува во работата, без право на одлучување.

 

Член 8

Верификацијата на мандатите на членовите на Советот кои не биле присутни на првата седница на Советот, на оние кои се избрани на изборите за замена, како и на оние чија верификација е одложена, ја врши Советот на првата седница на која што тие ќе присуствуваат.

 

Член 9

            Со верификација на мандатот, членот на Советот се стекнува со права и должностите утврдени со Законот, Статутот и со овој деловник.

 

Член 10

            По верификацијата на мандатот, членовите на Советот полагаат и потпишуваат свечена изјава, која гласи:

            „Јас (име и презиме) свечено изјавувам дека правата и должностите на член во Советот ќе ги вршам совесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам Уставот, законот, прописите на Советот и дека ќе го штитам уставниот поредок на Република Македонија“.

            Членот на Советот на кого му е потврден /верифициран/ мандатот, ако не бил присутен на Првата седница нејзиниот текст ќе го потпише пред претседателот на Советот кој за тоа го известува на првата наредна седница.

 

 

2. Начин на избор на претседател на Советот

 

Член 11

Претседателот на Советот го избира Советот по предлог на еден или група членови на Советот.

Советот гласа за сите поднесени предлози, односно предложени кандидати за избор на претседател, освен за оние кандидати кои дале изјава дека не ја прифаќаат кандидатурата.

Претседателот на Советот се избира со јавно гласање, доколку Советот не одлучи гласањето да биде тајно.

 

а. Избор на претседател на Советот со јавно гласање

 

Член 12

Претседателот на Советот го избира Советот со јавно гласање, со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на Советот.

 

Член 13

Ако се предложени повеќе кандидати за претседател на Советот, избран е кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на Советот.

 

Член 14

Советот гласа одделно за секој од предложените кандидати.

 

Член 15

Претседателот на Советот ги повикува членовите на Советот да се изјаснуваат “за“ предлогот, без повикување да се изјаснат “против“, односно “воздржан“.

Членот на Советот во постапката за избор на претседател на Советот со јавно гласање има право да се определи, односно да гласа “за“ само за еден од кандидатите.

 

Член 16

Доколку во првиот круг никој од кандидатите за претседател на Советот не го добил потребното мнозинство гласови, се пристапува кон втор круг на гласање за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најголем број гласови.

 

Член 17

Ако во првиот круг повеќе кандидати добиле ист број на гласови, заради што не може да се определат двајца кандидати што имаат најголем број на гласови, гласањето се повторува само за кандидатите што имаат ист број на гласови, со цел да се определат двајцата кандидати за кои ќе се гласа во вториот круг.

 

Член 18

Ако и по вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не го добил потребниот број гласови тогаш се повторува постапката за избор на претседател на Советот.

 

б. Избор на претседател на Советот со тајно гласање

 

Член 19

Изборот на претседател на Советот може да се изврши со тајно гласање, доколку за таков предлог на член на Советот, одлучи Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

 

Член 20

Со тајното гласање раководи комисија што ја избира Советот.

 

Член 21

Тајно гласање за избор на претседател на Советот се врши со гласачки ливчиња.

На гласачкото ливче за избор на претседател на Советот се отпечатуваат имињата и презимињата на лицата предложени за избор, односно разрешување и тоа според редот на поднесените предлози.

На гласачкото ливче пред името на кандидатите се става реден број.

 

Член 22

Гласачките ливчиња мораат да бидат со еднаква големина, боја и форма.

На секое гласачко ливче се става печат на Општината.

 

Член 23

Секој член на Советот добива по едно гласачко ливче.

Откако ќе се утврди дека сите членови на Советот, добиле по едно гласачко ливче, претседавачот ќе ги даде потребните објаснувања за начинот на гласањето и ќе го определи времето потребно за пополнување на гласачките ливчиња.

 

Член 24

Членот на Советот гласа на тој начин што го заокружува редниот број пред името и презимето на кандидатот за кого гласа и лично го спушта гласачкото ливче во поставената гласачка кутија, превиткано на начин што обезбедува тајност на гласањето.

 

Член 25

Откако сите присутни членови на Советот ќе гласаат, и откако претседавачот ќе објави дека гласањето е завршено, се преминува на утврдување на резултатите од гласањето.

Резултатите од гласањето се утврдуваат врз основа на предадените гласачки ливчиња.

 

Член 26

Гласачкото ливче од кое не може јасно да се утврди за кого е гласано (заокружени се повеќе кандидати, прешкртани се имињата на еден или повеќе кандидати, ливчето е преправано, искинато или непополнето),  се смета за неважечко.

 

Член 27

По завршување на гласањето и пребројувањето на гласачките ливчиња, претседателот на комисијата ќе го објави резултатот од гласањето и ќе соопшти колку вкупно членови на Советот, подигнале гласачки ливчиња, колку гласале, колку гласови добил секој од кандидатите.

 

Член 28

Врз основа на извештајот на комисијата, претседавачот ќе констатира кој од кандидатите е избран за претседател на Советот.

 

Член 29

Доколку, ниту еден од кандидатите не е избран за претседател на Советот во првиот круг на гласање, односно не го добил потребното мозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, претседавачот ќе констатира за кои двајца кандидати, кои добиле најголем број гласови во првиот круг на гласање, ќе се гласа во вториот круг.

Ако во првиот круг повеќе кандидати добиле ист број на гласови, заради што не може да се определат двајца кандидати што имаат најголем број на гласови, гласањето се повторува само за кандидатите што имаат ист број на гласови, со цел да се определат двајцата кандидати за кои ќе се гласа во вториот круг.

 

Член 30

Во постапката и начинот на гласање во вториот круг, со двајца кандидати, соодветно се применуваат одредбите од овој деловник што се однесуваат на гласањето во првиот круг.

 

Член 31

Ако ниту еден од  двајцата кандидати во вториот не го добил потребното мнозинство изборната постапка во целост се повторува.

 

3. Права и должности на претседателот на Советот

 

Член 32

            Претседателот на Советот го претставува Советот и врши други работи определени со закон, Статутот на Општината и овој деловник.

 

Член 33

Претседателот на Советот:

-          ги свикува и раководи со седниците на Советот;

-          се грижи за организацијата и работата на Советот;

-          ги потпишува одлуките и актите на Советот и ги доставува на Градоначалникот заради објавување;

-          дава иницијатива за претресување одделни прашања од делокругот на Советот и комисиите и се грижи за усогласување на нивната работа;

-          ја поттикнува и помага меѓусебната соработка на комисиите на Советот и се грижи за нивната соработка со други органи;

-          ги закажува седниците на комисиите кага по барање на членовите на комисијата седницата нема да ја закаже претседателот на комисијата;

-          се грижи за примената на деловникот;

-          ги толкува одредбите на деловникот ;

-          иницира и остварува соработка и координација со претседателите на советите на други општини и

-          врши и други работи определени со закон, Статутот и со овој деловник.

 

Член 34

Претседателот на Советот има право да учествува во работата на комисиите на Советот и да им предлага да претресуваат прашања од нивна надлежност.

 

Член 35

Претседателот на Советот може заради организација на работата на Советот да формира Координативното тело кое :

-          ја планира динамиката на седниците на Советот, во зависност од значењето, природата и времето на поднесување на предлозите на акти и други материјали;

-          иницира дневен ред и време на одржување на седниците на Советот;

-          дава иницијатива на Советот и комисиите за претресување на прашања од нивна надлежност.

 

Координативното тело го сочинуваат по еден член на Советот, како претставник на листата за избор на членови на Советот, што согласно извештајот на општинската изборна комисија, добила мандати на одржаните локални избори.

 

III.   ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ  НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ 

 

1. Заеднички одредби 

 

Член 36

            Членот на Советот ги остварува правата и должностите утврдени со законот, Статутот и со овој деловник.

            Членот на Советот се стекнува со своите права и должности по верификацијата на мандатот.

 

Член 37

            Заради вршење на својата должност, членот на Советот има право од градоначалникот, општинскaта администрација, јавните служби, установи и претпријатија, основани од Општината и од други институции да бара податоци што му се потребни за неговата работа во Советот.

 

Член 38

            Членот на Советот, неможе да биде избран за член на органите на управување на јавните служби, установи и претпријатија, основани од Општината.

 

2. Присуствување на седници и учество во работата

 

Член 39

Членот на Советот има право и должност да присуствува на седниците на Советот, постојаните и повремените комисии во кои членува и да учествува во работата и одлучувањето.

 

Член 40

Членот на Советот има право да присуствува и на седниците на комисиите во кои не е член, како и право да учествува во нивната работа, но без право на одлучување.

 

Член 41

За присуството на седниците на Советот и на комисиите во кои членуваат членовите на Советот, се води евиденција.

Евиденцијата ја води општинската администрација.                 

 

Член 42

Општинската администрација го известува претседателот на Советот, за случаите кога член на Советот три пати едноподруго отсуствувал од седниците на Советот и комисиите во кои членува, а не го оправдал своето отсуство.

Претседателот на Советот е должен веднаш да ја извести Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, со цел да се утврдат причините за отсуството и да се утврди дали постојат законски услови за утврдување престанок на мандатот на членот на Советот или за разрешување на членот на Советот од комисиите во кои членува и да му предложи на Советот на негово место да избере друг член.

 

3. Покренување иницијативи и поднесување предлози 

 

Член 43

Членот на Советот има право на седниците на Советот,:

-          да ги изнесува предлозите и мислењата на граѓаните и да му предлага на Советот заземање ставови од надлежност на Советот за тие предлози и мислења;

-          да дава иницијативи за донесување на прописи од надлежност на Советот, како и да поднесува амандмани на предлозите на прописите;

-          да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите;

-          да иницира распишување референдум за решавање на прашања од интерес за Општината, како и за претходно изјаснување на граѓаните за одделни предлози на одлуки или за нивно потврдување;

-          да предлага претресување на прашања, појави и состојби што се од значење за определена дејност, како и од значење за граѓаните;

-          да предлага претресување на прашања што се однесуваат на спроведувањето на политиката што ја утврдил и прописите што ги донел Советот или на прашања што се однесуваат на извршување на законите и другите прописи и општи акти;

-          да предлага претресување на прашања кои се однесуваат на работата на градоначалникот;

-          да бара од Градоначалникот да го извести Советот за својата работа;

-          да предлага претресување на прашања што се однесуваат на остварувањето на надзорот над вршењето на работите од надлежност на општината;

-          да предлага претресување на прашања во врска со состојбата во дејностите за кои  Општината основала јавни служби, установи и претпријатија, како и прашања во врска со остварувањето на надзорот над нивната работа и

-          да предлага спроведување на анкети по прашања од надлежност на Советот.   

 

Член 44

Членот на Советот има право поединечно или заедно со други членови на Советот, да предлага избор и разрешување на претседател на Советот, претседатели и членови на комисиите и посебните тела на Општината, што ги избира односно именува Советот, на начин и под услови утврдени со закон, Статутот и овој деловник.

 

4. Поставување советничко прашање

 

Член 45

Членот на Советот има право на Градоначалникот и на раководните органи на јавните служби, установи и претпријатија што ги основа Општината, да им поставува прашања (советнички прашања) што се однесуваат на нивната работа или на работата од нивна надлежност, односно од надлежност на органите, службите, установите и претпријатијата.

Прашањето треба да е кратко и прецизно, при што членот на Советот треба да означи на кого му е упатено прашањето.

Членот на Советот на иста седница може да постави најмногу две прашања.

 

Член 46

Прашањето може да се поставува усно на седница на Советот.

Прашањата по правило, се поставуваат и одговорите се добиваат на крајот на седницата, односно по исцрпувањето на дневниот ред на седницата.

Советот може да одржува и посебни седници за поставување прашања, доколку усвои таков  предлог на градоначалникот, претседателот на Советот или група од 5 членови на Советот, со мнозинство гласови на присутните членови на седницата на која е поднесен.

 

Член 47

На усно поставеното прашање се одговара на седницата на која е поставено прашањето, доколку се присутни лицето на кое му е поставено или претставникот на институцијата на која тоа се однесува.

Ако на поставеното прашање не може да се даде целосен одговор на таа седница или ако се отсутни лицето на кое му е поставено или претставникот на институцијата на која тоа се однесува, одговорот во целост ќе се даде писмено или усно на наредната седница на Советот.

 

Член 48

Членот на Советот може да побара на прашањето што го поставил да му се одговори писмено.

Писмениот одговор се дава во рок од 10 дена од денот на поставувањето, односно приемот на прашањето.

Ако на прашањето не може да се даде одговор во рокот од став 2 на овој член, членот на Советот ќе биде известен кога ќе му биде даден одговорот.

Ако се работи за сложено прашање, кое бара посеопфатни анализи или претпоставува следење на состојбите во подолг временски период, Советот може да определи подолг рок за давање на одговорот.

 

Член 49

На прашањето поставено до Градоначалникот, одговор дава Градоначалникот или лице што тој  го овластил.

Кога одговорот го дава лице овластено од страна на Градоначалникот, се смета дека одговорот го дал Градоначалникот.

 

Член 50

По примениот одговор, членот на Советот кој го поставил прашањето може да постави и дополнително прашање.

 

5. Чување тајна

 

Член 51

Членот на Советот е должен да чува тајна.

Како тајна се сметаат податоците што членот на Советот ќе ги дознае на седницата на Советот или комисиите, во врска со прашањата за кои на седницата се расправа без присуство на јавноста.

За тајна се сметаат и сите материјали што му се упатуваат на Советот и комисиите, а кои се означени како такви.

Со материјалите што се сметаат за тајна се постапува согласно со напомената-упатството за ракување и чување на материјалите, што се проследува кон таквите материјали.

 

6. Обезбедување на услови за вршење на функцијата член на Советот

 

Член 52

Заради обезбедување на услови за вршење на функцијата член на Совет, општинската администрација и органите на управување на јавните служби, установи и претпријатија основани од Општината, на членовите на Советот:

-          им укажуваат стручна помош во изработувањето на предлозите што тие му ги поднесуваат на Советот, односно комисиите, во поставувањето на советнички прашања и во вршењето на други работи што им ги доверил Советот, односно работното тело;

-          им обезбедуваат дополнителна документација која им е потребна за нивната работа;

-          им даваат стручни објасненија и појаснувања за проблемите на кои тие работат;

-          се грижат за обезбедување на технички услови за нивната работа.

 

Член 53

Членовите на Советот, за извршување на нивните права и должности. имаат право да ги користат просториите наменети за работа на Советот, библиотеката  и документацијата на Општината.

 

7. Престанок и одземање на мандатот на членовите на Советот

 

Член 54

На член на Советот му престанува мандатот во случаите утврдени со закон.

 

Член 55

Членот на Советот има право да поднесе оставка и да ја образложи.

Оставката му се поднесува на претседателот кој ја проследува до членовите на Советот.

Оставката може да се поднесе и образложи на самата седница на Советот.

По поднесувањето на оставката, Советот на самата седница или првата наредна седница, без расправа, констатира престанок на мандатот на членот на Советот.

Претседателот на Советот ја известува општинската изборна комисија, за престанокот на мандатот на членот на Советот.

 

Член 56

На член на Советот му престанува мандатот кога ќе се вработи во општинската администрација, како и кога презел функција, односно служба која, според законот, е неспојлива со вршењето на функцијата член на Совет.

За настанување на случајот на неспојливост членот на Советот е должен, веднаш да го извести претседателот на Советот.

 

Член 57

На членот на Советот ќе му биде одземен мандатот, и доколку повеќе од три пати едноподруго неоправдано отсуствувал од седниците на Советот.

 

Член 58

Претседателот на Советот е должен да ја извести Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања и да го внесе во предлогот на дневниот ред за првата наредна седница на Советот, секој случај што со себе повлекува престанок на мандатот на некој од членовите на Советот.

Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања е должна да го разгледа секој случај што повлекува престанок или одземање на мандатот на член на Советот, да побара податоци од надлежни институции и служби за да ги потврди фактите и да ги утврди причината и денот на настанување на условите за престанок или одземање  на мандатот на член на Советот.

Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања е должна на Советот да му поднесе извештај и предлог, заради констатирање престанок или донесување одлука за одземање на мандатот на член на Советот.

Советот ќе ја утврди причината и денот на престанок на мандатот и ако Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, не поднесе извештај и не даде предлог во врска со настанат случај што повлекува престанок или одземање на мандатот на член на Советот, и тоа врз основа на документи кои го потврдуваат настанувањето на услови предвидени со закон за престанок и одземање на мандатот на член на Советот, обезбедени од страна на општинската администрација.

 

V. РАБОТА НА СОВЕТОТ

 

1. Свикување на седниците

 

Член 59

            Седниците на советот се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци.

Седници ги свикува претседателот на Советот, по сопствена иницијатива.

Во случај на спреченост или отсутност на претседателот на Советот, седница свикува најстариот член на Советот.

Седница на Советот, може да се свика и на барање на Градоначалникот или на барање на најмалку 5 членови на Советот, најдоцна во рок од 15 дена од поднесувањето на барањето.

Доколку во рокот определен во ставот 4 на овој член, претседателот на Советот не ја свика седницата на Советот, седницата може да ја свикаат подносителите на барањето, да го предложат дневниот ред на седницата, а со седницата да раководи претседател што ќе го избере Советот за таа седница.

 

Член 60

Покана за седница на Советот им се испраќа на сите членови на Советот, најдоцна 7 дена пред денот определен за одржување на седницата.

Заедно со поканата, на членовите на Советот им се доставува предлог на дневен ред, и соодветен материјал за прашањата што се предлагаат на дневен ред.

По исклучок, во итни случаи, утврдени со Статутот, претседателот на Советот може да свика вонредна седница, а дневниот ред да го предложи на самата седница.

 

2. Дневен ред

 

Член 61

Дневен ред на седница на Советот  се утврдува на предлог на претседателот на Советот на почетокот на седницата, со мнозинство гласови на присутните членови на Советот.

Во предлогот на дневниот ред претседателот на Советот ги внесува сите прашања што до денот на свикувањето на седницата му се доставени  од страна на градоначалникот или други предлагачи.

 

Член 62

Секој член на Советот може на седницата да предложи:

-          предложениот редослед на точките на дневниот ред да се измени;

-          некоја од предложените точки да се симне од дневниот ред;

-          дневниот ред да се дополни со нова точка на дневниот ред, но е должен да ја образложи итноста на тој предлог.

 

Градоначалникот може да предложи дополнување на дневниот ред на седницата  со определено прашање и итноста да ја образложи Градоначалникот или претставник што тој ќе го овласти.

Советот со мнозинство гласови на присутните членови, одлучува одделно за секој предлог за измена и дополнување на предложениот дневен ред.

Доколку е прифатен предлогот за симнување на некоја од предложените точки од дневниот ред, не може да се бара нејзино повторно внесување во дневниот ред.

 

3. Претседавање и учество

 

Член 63

На седница на Советот претседава претседателот на Советот.

Во случај на негова спреченост или отсутност, го заменува најстариот член на Советот.

Ако најстариот член на Советот е спречен или отсутен, на седницата претседава членот на Советот, кој по предлог на еден или група членови на Советот, ќе го избере Советот со мнозинство на гласови од присутните членови на Советот.

 

Член 64

Во работата на седница на Советот, без право на одлучување,  можат да учествуваат и поканети претставници на јавни служби, установи и претпријатија.

 

Член 65

На седница на Советот никој не може да говори пред да побара и добие збор од претседателот.

Пријавите за збор се поднесуваат откако ќе започне претресот и можат да се поднесуваат се до неговото завршување.

 

Член 66

Членот на Советот говори од говорницата или од своето место, доколку има технички услови сите присутни да го следат неговото излагање.

Доколку во работата на Советот, се користи друг јазик, при излагањето се обезбедува превод, за да можат присутните на седницата да го следат излагањето.

 

Член 67

Претседателот се грижи членот на Советот да не биде попречуван во својот говор.

Членот на Советот може да го опомене или да го прекине во говорот само претседателот.

 

Член 68

Претседателот им дава збор на членовите на Советот по редот на нивното пријавување.

Претседателот веднаш ќе му даде збор на членот на Советот кој сака да земе збор во врска со примената или отстапување од одредбите на Деловникот (процедурално прашање) или на утврдениот дневен ред.

Говорот на овој член на Советот не може да трае подолго од 3 минути.

По излагањето на членот на Советот претседателот е должен да даде објаснување.

Ако членот на Советот не е задоволен од даденото објаснување, за прашањето се решава на седницата без претрес.

 

Член 69

Претседателот на Советот ќе му даде збор на членот на Советот ако побара збор (реплика) за да го исправи наводот што е неточно изложен или што дал повод за недоразбирање или предизвикал потреба од лично објаснување, откако ќе го заврши излагањето на оној што ја предизвикал потребата од реплика.

Во својата реплика, која не може да трае подолго од 2 минути, членот на Советот мора да се ограничи на исправката, односно на личното објаснување.

Членот на Советот на кого му е упатена репликата, има право на одговор, во траење од 1 минута.

Членот на Советот, правото на репликата и одговорот на репликата, можат да се користат само еднаш во текот на расправата по една точка од дневниот.

 

Член 70

Членот на Советот може да говори само по прашање што е на дневен ред.

Ако членот на Советот се оддалечи од дневниот ред, претседателот ќе го повика да се придржува за дневниот ред.

Ако членот на Советот и по повторната опомена не се придржува за дневниот ред, претседателот може да му го одземе зборот.

 

4. Ограничување на времетраењето на излагањето

 

Член 71

По предлог на претседателот или од член на Советот, кого го поддржуваат најмалку 5 членови на Советот, со мнозинство на гласови на присутните членови, Советот може да одлучи, по истото прашање на седницата да се говори само еднаш, како и да се определи времетраењето на излагањето, што не може да биде подолго од 5 минути.

 

5. Одржување на редот

 

Член 72

За одржување на редот на седницата се грижи претседателот.

 

Член 73

За повреда на редот на седницата, против членот на Советот кој го повредува редот може да се изречат следните мерки: опомена, одземање на зборот и оддалечување од седницата.

Изречените мерки се внесуваат во записникот на седницата.

 

Член 74

Опомена ќе му се изрече на членот на Советот кој во своето излагање се оддалечува од дневниот ред, кој со своето однесување, со земање збор кога претседателот не му дал збор, со упаѓање во збор, или со слична постапка го нарушува редот на седницата и одредбите на овој деловник.

Одземање на зборот ќе се изрече на член на Советот кој со својот говор на седницата го повредува редот на седницата и одредбите на овој деловник, а на истата седница веќе двапати е повикан да не го нарушува редот на седницата и одредбите на овој деловник.

Мерките опомена и одземање на зборот ги изрекува претседателот.

 

Член 75

Мерката оддалечување од седницата му се изрекува на членот на Советот што нема да постапи по барањето на претседателот кој му ја изрекол мерката одземање на збор или на друг начин ја попречува работата на седницата или го навредува Советот или неговите членови, или во говорот употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Советот.

Членот на Советот може да биде оддалечен само од седницата на која го повредил редот.

 

Член 76

Мерката оддалечување од седницата можат да ја предложат претседателот на Советот или член на Советот.

Членот на Советот спрема кој се предлага изрекување на мерката оддалечување од седницата има право на збор, при што неговото излагање не може да трае подолго од 3 минути.

Мерката оддалечување од седницата ја изрекува Советот без претрес, со мнозинство гласови од присутните членови на Советот.

Членот на Советот на кој му е изречена мерката оддалечување од седницата е должен веднаш да се оддалечи од седницата и не може повеќе да присуствува на седницата од која е оддалечен.

 

Член 77

Ако со редовни мерки не може да го одржи редот на седницата, претседателот ќе ја прекине седницата.

 

Член 78

Претседателот може да нареди, од салата во која се одржува седницата, да се отстрани секое лице кое го нарушува редот.

 

Член 79

Сите лица кои се наоѓаат во просториите на Советот, додека трае седницата, по службена должност се должни да ги извршат забелешките на претседателот во поглед на одржување на редот.

 

6. Тек на седницата

 

Член 80

Членовите на Советот имаат право, пред да се утврди дневниот ред на седницата, да стават забелешки на записникот од претходната седница.

За основаноста на забелешките одлучува Советот без претрес, а ако забелешките се усвојат, во записникот ќе се извршат соодветни измени.

 

Член 81

По усвојувањето на дневниот ред, претседателот ги информира членовите на Советот за дополнително доставените или пред седницата поделените материјали, и дава други соопштенија што се од значење за работата на седницата, и што треба да се имаат предвид при одлучувањето.

 

Член 82

Седницата се одржува според усвоениот дневен ред, а претседателот е должен да отвора претрес по секоја од точките, освен ако со закон, Статутот и со овој деловник е определено да се одлучува без претрес.

Советот со мнозинство гласови од присутните членови  може да одлучи, на предлог на градоначалникот или член на Советот, да води заедничка расправа по повеќе точки од дневниот ред, доколку тие имаат сродна или меѓусебно поврзана содржина, но гласањето мора да биде поединечно.

Советот со мнозинство гласови од присутните членови  може да одлучи, на предлог на градоначалникот или член на Советот, да се направи измена во редоследот на расправата по точките од усвоениот дневен ред.

 

Член 83

Претресот по определено прашање трае и се води се додека по него има пријавени за збор.

Претседателот го заклучува претресот, откога ќе утврди дека повеќе нема пријавени за збор.

 

Член 84

Претресот по одделни прашања е единствен.

Во текот на претресот, најпрво се расправа за амандманите доколку такви има поднесено по предлогот.

 

7. Мнозинство за работа

 

Член 85

Советот може да работи ако на седница присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на Советот.

Ако се утврди дека на седницата не присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на Советот, седницата не може да се одржи, односно ако е веќе започната се прекинува.

Во случаите од став 2 на овој член, претседателот ја презакажува седницата, со писмено известување упатено на сите членови на Советот.

 

8. Одлучување

 

Член 86

Полноважни се одлуките за кои гласало потребното мнозинството членови на Советот, определено со закон, Статутот и овој деловник.

 

Член 87

Членовите на Советот гласаат на тој начин што се изјаснуваат “за” или “против” предлогот или се воздржуваат од гласањето.

 

Член 88

Јавното гласање се врши со користење на соодветен електронски ситем, со кревање на рака или со поединечно усно изјаснување.

 

Член 89

Гласањето со употреба на соодветен електронски систем, се врши на начин кој овозможува секој од членовите на Советот да гласа и да се евидентира секој даден глас “за“, “против“ или “воздржан“, и да се утврди збирот на гласовите, односно резултатот од гласањето.  

 

Член 90

Гласањето со кревање на рака се врши на тој начин што претседателот ги повикува членовите на Советот, најнапред да се изјаснат кои се “за” предлогот, потоа да се изјаснат кои се “против” предлогот, и на крајот да се изјаснат тие што се воздржуваат од гласањето.

 

Член 91

Поединечно гласање се врши кога претседателот смета дека е потребно точно да се утврди резултатот од гласањето.

Поединечно гласање се врши и кога тоа ќе го побара член на Советот.

При поединечното гласање членовите на Советот, усно се изјаснуваат дали се “за”, “против” или “воздржан“.

Прозивката ја врши службеник на општинската администрација.

 

Член 92

Тајно гласање се врши со гласачки ливчиња.

Со тајното гласање раководи комисија што ја избира Советот.

 

Член 93

Ако тајното гласање е за донесување на пропис од надлежност на Советот, на гласачкото ливче точно се отпечатува називот на прописот, и се овозможува членот на советот да гласа “за”, “против” или “воздржан“.

 

Член 94

Ако тајното гласање е за избор или разрешување, на гласачкото ливче се отпечатуваат имињата на лицата предложени за избор, односно разрешување и тоа според редот на поднесените предлози.

На гласањето за избор или разрешување, пред името на кандидатот се става реден број.

 

Член 95

Гласачките ливчиња мораат да бидат со еднаква големина, боја и форма.

На секое гласачко ливче се става печат на Општината.

 

Член 96

Секој член на Советот добива по едно гласачко ливче.

Откако ќе се утврди дека сите членови на Советот, добиле по едно гласачко ливче, претседателот ќе ги даде потребните објаснувања за начинот на гласањето и ќе го определи времето потребно за пополнување на гласачките ливчиња.

По истекот на определеното време, претседателот ги повикува членовите на Советот да гласаат.

 

Член 97

Членот на Советот лично го спушта гласачкото ливче во поставената гласачка кутија, превиткано на начин кој обезбедува тајност на дадениот глас.

 

Член 98

При гласање за избор, членот на Советот гласа на тој начин што го заокружува редниот број пред името и презимето на кандидатот за кого гласал.

При гласање за разрешување, членот на Советот гласа на тој начин што го заокружува редниот број пред името и презимето на лицето за чие разрешување се гласа.

Гласачкото ливче од кое не може јасно да се утврди за кого, односно за што е гласано се смета за неважечко.

 

Член 99

Откако сите присутни членови на Советот ќе гласаат и откако претседателот ќе објави дека гласањето е завршено, се преминува на утврдување на резултатите од гласањето.

Резултатите од гласањето се утврдуваат врз основа на предадените гласачки ливчиња.

 

Член 100

По завршување на гласањето и пребројувањето на гласачките ливчиња, претседателот на комисијата ќе го објави резултатот од гласањето на истата седница на Советот и ќе соопшти колку вкупно членови на Советот гласале, колку биле “за“, “против„ или “воздржани“ и колку има неважечки гласачки ливчиња.

 

9. Записници

 

Член 101

За работата на седниците на Советот се води записник.

Записникот содржи основни податоци за работата на седницата, а особено за бројот на присутните и имињата и презимињата на оправдано отсутните членови на Советот, дневниот ред што е усвоен на седницата,  предлозите и амандманите што се поднесени на седницата и за одлуките што се донесени.

Во записникот се внесуваат резултатите од гласањето по одделни прашања.

Членот на Советот кој на седницата издвоил мислење, може да побара во записникот да се внесат битните делови од неговата изјава.

 

Член 102

Записникот им се испраќа на членовите на Советот, по правило, заедно со поканата за одржување на наредната седница.

 

Член 103

Записникот на кој не се ставени забелешки, односно записникот во кој согласно со усвоените забелешки се извршени измени се смета за усвоен.

Усвоениот записник го потпишува претседателот на Советот.

За составувањето на записникот и за чувањето на оригиналните записници од седниците на Советот се грижи општинската администрација.

 

10. Стенографски белешки

 

Член 104

За работата за седниците на Советот може да се водат стенографски белешки, а по потреба се обезбедува и тонско или видео снимање.

Составен дел на стенографските белешки ќе бидат и непрочитаните говори на членовите на Советот што на седницата, во текот на претресот,  писмено ќе бидат приложени.

Стенографските белешки им се ставаат на увид на членовите на Советот, по нивно барање.

Секој член на Советот има право да побара во стенографските белешки да се изврши исправка во неговото излагање, но без внесување на битни измени.

За остварувањето на ова право на членовите на Советот се грижи претседателот на Советот.

Ако се појави спор за основаноста на барањето да се изврши исправка во стенографските белешки, за барањето се одлучува на седницата без претрес.

Стенографските белешки за работата на Советот се чуваат во документацијата на општинската администрација.

 

VI. КОМИСИИ НА СОВЕТОТ

 

1. Постојани и повремени комисии

Член 105

Советот формира постојани и повремени комисии. 

 

Член 106

Постојаните комисии, во рамките на својот делокруг:

-          ги разгледуваат предлозите за донесување на прописи и други акти од надлежност  на Советот и му поднесуваат извештај со свои мислења и предлози;

-          проучуваат и разгледуваат други прашања од својот делокруг и на Советот му даваат мислења и предлози по тие прашања.

 

Член 107

Повремените комисии Советот ги формира, заради проучување на определено прашање кое не спаѓа во делокругот на постојаните комисии, како и во други случаи кога за тоа ќе се укаже потреба,

Повремената комисија престанува со работа кога ќе ја изврши задачата  заради која е формирано и во други случаи кога Советот за тоа ќе одлучи.

 

2. Состав на комисиите

 

Член 108

Бројот на членовите на постојаните комисии се определува со Статутот.

Составот, бројот на членовите и задачите на повремените комисии се утврдува со актот за формирање на телото.

Членови на повремените комисии можат да бидат, покрај членови на Советот и научни и стручни работници.

 

Член 109

Постојаните и повремените комисии имаат претседател и определен број членови.

Претседателот на постојаната и на повремената комисија: 

-          ја организира работата на комисијата;

-          дава иницијатива за претресување на определени прашања од делокругот на комисијата;

-          се грижи за известување на членовите на комисијата и на Советот за проблемите од делокругот на комисијата;

-          ги подготвува и свикува седниците;

-          го предлага дневниот ред на седниците и претседава со нив;

-          се грижи за спроведување на заклучоците, и

-          врши и други работи што се определени со овој  деловник.

 

Во случај на спреченост или отсутност, претседателот го заменува член на комисијата.

 

3. Начин на работа

 

Член 110

Комисиите работат на седници.

Претседателот на комисијата е должен да свика седница ако тоа го бара претседателот на Советот или ако тоа го бараат најмалку 3 членови на комисијата, наведувајќи го прашањето што треба да се стави на дневен ред на седница.

Ако претседателот не свика седница кога е должен тоа да го стори, седницата е должен да ја свика претседателот на Советот.

Доколку седница не биде свикана ниту од претседателот на комисијата, ниту од претседателот на Советот, согласно овој деловник седницата ќе ја свикаат членовите на комисијата кои тоа го барале.

Поканата за седница со предлогот на дневниот ред и материјалите што ќе се разгледуваат на седницата, претседателот на комисијата им ги доставува на членовите на комисијата најдоцна 3 дена пред денот на одржувањето на седницата.

По исклучок, претседателот може да свика седница и во покус рок.

Претседателот на комисијата, за свиканата седница ги известува предлагачите на материјалите што комисијата ќе ги претресува, со цел да определат претставници за присуство на седницата.

 

Член 111

Записниците и извештаите од седницата на комисијата ги потпишува претседателот на комисијата.

 

Член 112

Иницијатива за внесување одделни прашања во предлогот на дневниот ред на седницата на комисијата можат да дадат членови на советот, други комисии на Советот, како и јавните служби, установи и претпријатија основани од Општината.

 

Член 113

Претресот по прашањата што се на дневен ред на седницата на комисијата, може да заврши без расправа или со донесување на заклучок, за што на Советот може да му поднесе извештај.

 

Член 114

Комисијата може да му предложи на Советот да го одложи претресувањето на одделно прашање што комисијата го разгледувала, а кое е содржано во предлогот на дневниот ред за седницата на Советот.

 

Член 115

Комисиите на Советот покренуваат разгледување на прашања од својот делокруг по сопствена иницијатива, а се должни да го разгледаат секое прашање од својот делокруг, чие разгледување ќе го побара претседателот на Советот и Градоначалникот.

 

Член 116

Дневниот ред на седницата на комисијата се утврдува на почетокот на седницата.

 

Член 117

Комисиите можат да работат ако на седницата присуствуваат мнозинството членови на комисијата.

Комисиите одлучуваат со мнозинство гласови на присутните членови на комисијата.

 

Член 118

Кога ќе одлучи да му поднесе извештај или предлог на Советот, комисијата определува свој известител, кој по налог на комисијата, по сопствена иницијатива или по барање на Советот, на седницата на Советот ќе го образложи ставот или предлогот на комисијата.

 

Член 119

На седницата на комисијата задолжително присуствува претставник на предлагачот.

Претставникот на предлагачот има право на седницата на комисијата да учествува во расправата по предлогот што го поднел.

 

Член 120

Комисијата има право од предлагачот да бара известување, појаснување, како и други податоци што му се потребни за работа, а со кои предлагачот располага или е должен да ги собира и евидентира.

 

Член 121

Комисијата може на свои седници да покани претставници на органи, организации, заедници и здруженија, како и научни, стручни и јавни работници, заради изнесување на нивни мислења по прашањата што се разгледуваат на седницата на комисијата.

 

4. Делокруг на постојаните комисии на Советот

 

Член 122

Советот ги има следните постојани комисии:

а)  Комисија за мандатни прашања и  избори и именувања,

б)  Комисија за финансирање, Буџет и локален економски развој,

            в)  Комисија за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина,                  

            г)   Комисија за општествени дејности,

            д)  Комисија за статут и прописи,

 

а) Комисија за мандатни прашања, избори и именувања

 

Член 123

Комисија за мандатни прашања, избори и именувања, разгледува и подготвува предлози кои се однесуваат на мандатно имунитетните прашања.

Разгледува и подготвува предлози за избор и именување, како и разрешување од надлежност на Советот на општината.

Определува плати, надоместоци и други примања на избрани и именувани лица.

Дава предлог за висината на надоместокот на патните и дневните трошоци на членовите на Советот на општината, како и трошоци направени во извршувањето на задачите што им ги доверил Советот на општината.

Претседателот на Комисија за мандатни прашања и избори и именувања е од листата на предлагачот што има најголем број мандати за членови на Советот, избрани на непосредните избори.

 

б)  Комисија за финансирање, Буџет и локален економски развој

 

Член 124

Комисијата за финансирање, буџет и локален економски развој ги разгледува прашањата во врска со финансирањето на функциите на Општината, Буџетот и годишната сметка, како и прашањата од областа на локалниот економски развој.

 

в) Комисија за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина,

 

Член 125

Комисијата за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина ги разгледува прашањата во врска со урбанизмот, уредувањето на градежното земјиште, комуналното уредување на градот и населените места, сообраќајот, противпожарната заштита, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

 

г) Комисија за општествени дејности

 

Член 126

Комисијата за општествени дејности, во рамките на правата и должностите на Општината, ги разгледува прашањата од областа на културата и по нив дава иницијативи, мислења и предлози до Советот; прашањата во врска со развојот на установите, можностите за основање, финансирање на изградбата, опремување и одржување на установите во согласност со закон; прашањата што се однесуваат на основањето, финансирањето на изградбата, опремувањето и одржувањето на установите од областа на спортот; прашањата од областа на социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното и средното образование, основната здравствена заштита и други прашања од областа на општествените дејности и по нив му дава мислења и предлози на Советот.

 

д) Комисија за статут и прописи

 

Член 127

Комисијата за статут и прописи го утврдува предлогот на Статутот на општината, ги разгледува иницијативите и предлозите за измена на Статутот и ја следи неговата примена и ги разгледува начелните прашања од статутарен карактер.

Го утврдува предлогот на Деловникот на Советот.

Подготвува мислења по предлог законите кои се однесуваат на општината.

Разгледува и други општи акти од надлежност на Советот на општината.

 

5. Посебни одредби  за избор  и разрешување на претседатели и членови на

    комисиите

 

Член 128

Избор на претседател и членови на комисија на Советот се врши во целина, врз основа на предложени листи.

Листа може да предложи секој од членовите на советот или група советници.

Предложената листа се става на дневен ред на седницата на Советот само ако сите предложени кандидати за членови на комисијата дале изјава со која ја прифаќаат кандидатурата.

Кандидатските листи се поднесуваат до претседателот на Советот кој ги доставува до Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.

Изборот на претседател и членови на комисиите се врши со јавно гласање, со мнозинство од присутните членови на Советот.

 

Член 129

Избор заради промена на поодделен член на комисија се врши врз основа на поединечни предлози, со јавно гласање, со мнозинство од присутните членови на Советот.

 

Член 130

Предлог за разрешување на претседател и членови на комисија може да даде комисијата, член на Советот или претседателот на Советот.

По предлогот за разрешување одлучува Советот, со јавно гласање, со мнозинство гласови на присутните членови на Советот.

 

VII. ПРОГРАМИРАЊЕ НА РАБОТАТА

 

Член 131

Работата на Советот се одвива според програма за работа на Советот.

 

Програмата за работа ја донесува Советот  за една календарска година, по предлог на комисијата што Советот ја формира од редот на своите членови.

 

Член 132

Основа за изработка на програмата за работа на Советот се работите што со закон се ставени во надлежност на Советот.

 

Член 133

Предлози за внесување на одделни задачи и работи во програмата за работа на Советот можат да поднесуваат:

-          членовите на Советот, комисиите, посебните тела на Општината и Градоначалникот;

-          органите на државната управа;

-          јавните служби, установи и претпријатија основани од Општината;

-          јавните претпријатија што вршат работи од значење и интерес за Општината;

-          облиците на месна самоуправа;

-          здруженијата на граѓани и

-          други заинтересирани субјекти.

 

Член 134

Програмата за работа на Советот особено содржи:

-          назив на одлуките и другите општи акти и прашањата, односно темите што ќе ги разгледува Советот;

-          субјектите задолжени за изготвување на актите и другите материјали и субјектите кои соработуваат во извршувањето на задачите и работите;

-          предлагач на актите и другите материјали;

-          државните органи од кои ќе се бара согласност за актите, доколку давањето согласност е предвидено со закон;

-          роковите во кои одделни работи треба да се извршат.

Во програмата за работа се назначува кои документи се даваат на јавна или стручна расправа или на друг облик на непосредно изјаснување на граѓаните.

 

Член 135

Задолжените субјекти се должни во предвидените рокови тие акти и материјали да му ги поднесат на Советот на разгледување и усвојување.

Доколку од одредени причини тоа не е можно, тој е должен за тоа навреме да го извести Советот и да ги наведе причините заради кои не може да ги изврши програмираните задачи во предвидениот рок.

VIII. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА СОВЕТОТ

 

Член 136

Советот ја известува јавноста за прашањата што се разгледуваат и за кои се одлучува во Советот, за своите одлуки и ставови по тие прашања, како и за работата на комисиите, при што развива и користи најразлични форми за известување. 

 

Член 137

Претставниците на средствата за јавно информирање имаат право да присуствуваат на седниците на Советот  и на комисиите и да ја известуваат јавноста за нивната работа.

За седница на Советот на која се претресува некое прашање без присуство на јавноста, Советот може да ја извести јавноста преку издавање на офоцијално соопштение.

 

Член 138

На  претставниците  на средствата за јавно информирање им се ставаат на располагање нацртите и предлозите на прописите, информативните и документационите материјали, извештаите за работа на комисиите на Советот и записниците од седниците на Советот, освен ако одделно прашање се разгледува без присуство на јавноста.

 

Член 139

Советот може да одлучи нацрт, односно предлог на определена одлука или на друг општ акт кој се претресува во Советот, да се објави преку печатот или во посебна публикација.

 

Член 140

Советот може заради известување на јавноста за својата работа  да одлучи да се даде официјално соопштение на средствата за јавно информирање.

 

Член 141

Конференција за печатот по прашања од надлежност на Советот, односно во врска со неговата работа, одржува претседателот на Советот, по сопствена иницијатива или кога така ќе одлучи Советот.

Претседателот на Советот, односно Советот може да определат друг член на Советот, кој ќе ја одржи конференцијата за печатот.

 

IX. АКТИ НА СОВЕТОТ

 

Член 142

Советот донесува прописи за уредување на прашањата од своја надлежност и  го следи нивното извршување.

Советот донесува статут, деловник на Советот, буџет и годишна сметка за извршување на буџетот, програми, планови, одлуки, решенија, правилници, препораки, заклучоци и други акти.

Одредбите на овој деловник, што се однесуваат на постапката за донесување одлуки, соодветно се применуваат и на постапката за донесување на прописи и други акти од став 2 на овој член, доколку со закон и Статутот не е поинаку определено. 

 

Член 143

Со препорака се укажува на значењето на определени прашања кои се однесуваат на тековните состојби и движења во определена област или на извршувањето на одлуки и други општи акти на Советот и се изразува мислењето на Советот по тие прашања.

Со препораката се укажува на правата и обврските на субјектите на кои им се упатува и на мерките што би требало да ги преземат за решавање на тие прашања.

Препораката нема задолжителен карактер и таа им се упатува на субјектите на кои се однесува со цел да  ја разгледаат, да заземат став и да ја насочат својата акција кон прашањата на кои се однесува препораката и за тоа да го известат Советот.

 

Член 144

Со заклучок Советот, во рамките на својот делокруг, може да утврдува обврски на Градоначалникот и на јавните служби основани од Општината, во однос на подготвувањето на одлуки или на други општи акти или во однос на вршењето на други работи од нивниот делокруг.

Со заклучок, Советот утврдува оценки, односно констатации за состојбите и зазема ставови и гледишта во врска со прашањата што ги претресува.

 

Член 145

Решение е конкретен и конечен акт со кој Советот решава за поединечни работи.

 

Член 146

Прописите и другите општи и поединечни акти донесени на седница на Советот ги потпишува претседателот на Советот.

На оригиналите на прописите и на другите акти се става печатот на Општината.

Оригиналите на прописите и на другите акти на Советот се чуваат во архивата на Општината.

За чувањето и евиденција на оригиналите на прописите и на другите акти на Советот се грижи општинската администрација.

 

X. ДОНЕСУВАЊЕ НА ОДЛУКИ

 

1. Поведување на постапка

 

Член 147

Одлуките од своја надлежност Советот ги донесува по предлог на градоначалникот или на член на Советот.

Предлог за донесување одлука од надлежност на Советот може да поднесат и надлежните комисии на Советот.

 

Член 148

Советот донесува одлуки од своја надлежност и на иницијатива поднесена од членовите на Советот, јавните служби, установи и претпријатија, облиците на месна самоуправа, здруженијата на граѓаните, граѓаните и други субјекти.

Иницијативата му се доставува на претседателот на Советот, кој ја упатува на Градоначалникот заради давање мислење.

Ако градоначалникот смета дека нема потреба од донесување одлука, за тоа ќе го извести претседателот на Советот и подносителот на иницијативата, наведувајќи ги причините за тоа.

Ако подносителот на иницијативата смета дека причините не се оправдани, тој може својата иницијатива повторно да ја поднесе преку претседателот на Советот.

Повторната иницијатива за донесување на одлука се претресува на седница на Советот, заедно со мислењето на градоначалникот.

Откако ќе ја разгледа повторната иницијатива, Советот може со заклучок да го задолжи градоначалникот да изготви и поднесе предлог на одлука.

За ставот што ќе го заземе по повторната иницијатива за донесување на одлука, Советот ќе го извести подносителот на иницијативата.

 

2. Предлог на одлука

 

Член 149

Градоначалникот и другите предлагачи своите предлози за уредување на определени прашања од надлежност на Советот ги поднесуваат, по правило, во форма на предлог на одлуки. 

По исклучок Одлуката може да биде поднесена во форма на нацрт.

Статутот на општината и Буџетот на општината задолжително се поднесуваат во форма на нацрт и се донесуваат во две фази.

 

Член 150

Предлогот на одлуката ги содржи причините поради кои треба да се донесе одлуката, содржината на одлуката и образложение.

 

Член 151

Причините за донесување на одлуката ги содржат:

-          правните основи по кои соодветните прашања можат да се уредуваат;

-          целта што се сака да се постигне со уредувањето на односите на предложениот начин, како и последиците што ќе произлезат од предложените решенија, и

-          финансиски средства потребни за спроведување на одлуката и начинот на обезбедување на тие средства,

 

Член 152

Содржината на одлуката што се предлага да се донесе се изготвува во вид на правно формулирани одредби.

 

Член 153

Текстот на одлуката мора да биде образложен.

Образложението особено ги опфаќа: правните основи за уредување на односите содржани во одлуката; причините поради кои се донесува одлуката; оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со одлука и извршувањето на постојните прописи во таа област; финансиските средства потребни за спроведување на одлуката и начинот на нивното обезбедување, дали спроведувањето на одлуката повлекува материјални обврски за граѓаните, стопанските и други субјекти, како и други околности што се од значење за прашањата што се уредуваат со одлуката.

Кон образложението на одлуката со која се вршат измени и дополнувања на постојна одлука, се приложуваат и одредбите на одлуката што се менува односно дополнува. 

 

Член 154

Советот може, по предлог на членовите на Советот или по предлог од Комисијата за статут и прописи да донесе заклучок дека заради тоа што со одлуката се уредува сложена или обемна материја, како и во други случаи кога ќе оцени дека е тоа потребно, поднесениот предлог да се претресува и утврди како нацрт.

По завршениот претрес, Советот со заклучок ги утврдува своите ставови и забелешки кон нацртот и му ги упатува на предлагачот, за да ги има предвид при изработката на предлогот на одлуката.

Со заклучокот, Советот може да определи и рок во кој предлагачот треба да го изготви и поднесе предлогот на одлуката до Советот.

 

Член 155

Предлагачот е должен во образложението на така изработен предлог посебно да ги наведе причините за неприфатените мислења и забелешки по нацртот.

Кон предлогот се поднесува и придружната документација за сложени и обемни прашања, а особено податоци за начинот на обезбедување на  финансиските средства потребни за спроведување на одлуката.

 

3. Претресување на одлука

 

Член 156

Претресот на одлуката, на седницата на Советот, по правило е единствен, доколку Советот не одлучи да води претрес по делови, односно членови.

 

Член 157

Советот може да одлучи да води одделно претрес, во начело заради изјаснување за причините и потребата од донесување на предложената одлука, и претрес по содржината на одлуката.

            Во текот на претресот за предлогот во начело можат да се изнесуваат мислења, да се бараат појаснувања и да се покренуваат други прашања во поглед на причините за донесување, правните основи и целисходноста на решенијата што се дадени во одлуката.

 

Член 158

Предложувачот на одлуката, односно неговиот претставник  има право  во текот на целиот претрес на одлуката да дава образложенија, појаснувања и да изнесува свои мислења.

 

Член 159

Градоначалникот, односно претставникот што тој го овластил, може да учествува во текот на целиот претрес на одлуката на седницата на Советот и кога не е предложувч на одлуката.

Предложувачот може да го повлече предлогот на одлуката во секој момент се до заклучувањето на претресот.

 

4. Амандмани

 

Член 160

Амандмани се поднесуваат заради измена или дополнување на решенијата содржани во предлогот на одлуката за која се води претрес на седницата на Советот.

 

Член 161

Амандманот се поднесува писмено.

Амандманот мора да биде образложен.

Ако амандманот содржи одредби со кои се ангажираат финансиски средства, подносителот на амандманот е должен истовремено да укаже и на можностите за обезбедување на тие средства.

 

Член 162

Амандманот може, по правило, да се поднесе најдоцна 3 дена пред денот определен за одржување на седницата на Советот на која ќе се претресува предлогот на одлука,  а се поднесува преку претседателот на Советот.

 

Член 163

Претседателот на Советот веднаш им го доставува амандманот на сите членови на Советот и на Градоначалникот, и кога тој не е предложувач на одлука.

Амандманот на предлогот на одлука, претседателот на Советот го доставува и на Комисијата  за статут и прописи,  за да го проучи и на Советот да му достави извештај.

 

Член 164

Ако амандманот на предлогот на одлука содржи одредби со кои се ангажираат финансиски средства, претседателот на Советот, амандманот веднаш ќе го достави и на комисијата во чиј делокруг спаѓаат прашањата на буџетот, за да го проучи влијанието на амандманот врз средствата со кои се располага и можните извори за финансирање на предложените решенија и за тоа да го извести Советот.

 

Член 165

Член на Советот може, по исклучок, да поднесе амандман на предлогот на одлуката на седница на Советот, во текот на претресот на тој предлог.

            Амандманот се поднесува писмено и мора да биде образложен.

           

Член 166

Предложувачот на одлуката може да поднесува амандмани се до заклучувањето на претресот по предлогот на одлука.

Градоначалникот може да поднесува амандмани и на предлози на одлуки, што не ги поднел тој и тоа се до заклучување на претресот по предлогот на одлуката.

Амандманот на предложувачот на одлуката и амандманот со кој тој се согласил, се сметаат за составен дел на предлогот на одлуката.

 

Член 167

Кога амандманот се поднесува во текот на претресот на предлог на одлука, претседателот на Советот ќе ја прекине седницата и ќе даде пауза за да можат подносителите да го изготват амандманот.

 

Член 168

Ако усвојувањето на амандманот би повлекувало побитни измени на текстот на предлогот на одлуката, за амандманот не може да се одлучи на седницата на Советот, додека надлежната комисија и Комисијата за статут и прописи не му поднесат извештај за тој амандман.

 

Член 169

За амандманот се води посебен претрес на седница на Советот.

За амандманот има право да се изјасни предложувачот на одлука и известителот на комисијата која ја претресувала одлуката. 

Градоначалникот има право да се изјаснува за амандманите и кога тој не го поднел предлогот на одлуката.

 

Член 170

По амандман на предлогот на одлуката, поднесен во текот на претресот на предлогот на одлуката, Советот може да одлучи претресот да се одложи и да продолжи на една од наредните седници или претресот да се прекине, додека надлежната комисија и Комисијата за статут и прописи не го проучат амандманот.

Советот ќе го одложи претресот на предлогот на одлуката ако предложувачот на одлуката, Градоначалникот или надлежната комисија и Комисијата за статут и прописи, побараат одлучувањето по амандманот да се одложи за да можат амандманот да го проучат и по него да се изјаснат.

 

Член 171

За амандманите се одлучува пред да се расправа по предлогот на одлука на која се однесува амандманот.

 

Член 172

Ако на ист член од предлогот на одлука се поднесени два или повеќе различни амандмани, за амандманите се гласа според редот по кој се поднесени.

 

Член 173

Доколку со некој од амандманите се предлага бришење на одделен член од предлогот на одлука, прво се гласа за тој амандман и ако тој амандман биде усвоен, нема да се гласа за другите амандмани на тој член.

 

5. Итна постапка за донесување на одлука

 

Член 174

Одлука може да се донесе и по итна постапка на редовна или вонредна седница на Советот.

Предлогот на одлуката што се предлага да се донесе на итна седница може да се достави на самата седница.

По итна постапка може да се донесе само одлука со која се уредуваат такви прашања за чие уредување постои вистинска и неодложна потреба и ако одложувањето на уредувањето на тие прашања би имало поголеми штетни последици.

 

Член 175

Советот отвора расправа за оправданоста на предлогот да се донесе одлука по итна постапка.

Ако Советот го усвои предлогот одлуката да се донесе по итна постапка, се пристапува кон претрес по предлогот на одлуката.

 

Член 176

Советот може пред  или во текот на претресот, да побара од Комисијата за статут и прописи, итно да поднесе свое мислење и предлози по предлогот на одлуката.

 

Член 177

На предлогот на одлуката што се донесува по итна постапка секој член на Советот може да поднесува амандмани до заклучувањето на претресот.

Ако со усвојувањето на амандманот би биле предизвикани побитни измени во текстот на предлогот на одлуката, односно ако со амандманот се ангажираат финансиски средства, задолжително ќе се побара мислење од надлежната комисија за финансиски прашања и од Комисијата за статут и прописи.

Комисијата за статут и прописи и надлежната комисија за финансиски прашања се должни веднаш да го разгледаат амандманот и на Советот да му поднесат извештај.

 

6. Јавна и стручна расправа по нацрти на прописи

 

Член 178

Советот самостојно, на предлог на градоначалникот или кога е тоа предвидено со закон, ќе донесе заклучок за организирање јавна или стручна расправа по нацрт на одлуки и други општи акти, за кои ќе се оцени дека се од особено значење за граѓаните на Општината.

 

Член 179

Кога ќе заклучи, нацрт на одлука или друг акт да се стави на јавна и стручна расправа Советот ќе определи:

-          нацртот на одлуката и другиот општ акт да се објават за да им бидат достапни на граѓаните и на други заинтересирани субјекти;

-          да се обезбеди собирање и разгледување на мислењата и предлозите што биле изнесени во текот на расправата и

-          да се изготви и достави до Советот извештај за резултатите од расправата.

За извршување на задачите од став 1 на овој член Советот може да формира посебно работно тело.

Ако нацртот на одлуката и друг општ акт што се ставаат на расправа ги поднел Градоначалникот, Советот може да заклучи задачите од став 1 на овој член да ги изврши Градоначалникот или работното тело што тој ќе го формира.

 

Член 180

Нацртот на одлуката и друг општ акт што се ставаат на расправа се објавуваат во средствата за јавно информирање.

Кон нацртот на одлуката и друг општ акт се објавува и повик до граѓаните и другите заинтересирани субјекти да достават свои мислења и предлози.

Во повикот се означува кому му се упатуваат мислењата и предлозите, како и рокот до кога тие можат да се упатуваат.

Рокот за расправа не може да биде покус од 30 дена.

 

Член 181

Извештајот за резултатите од расправата ги опфаќа мислењата и предлозите што биле изнесени во расправата.

Извештајот му се доставува на предложувачот на одлуката.

Откако ќе го прими извештајот за резултатите од расправата, предложувачот на одлуката ќе изготви предлог на одлука, при што ќе ги има предвид искажувањата изнесени на седницата на Советот по нацртот на одлуката и мислењата и предлозите што биле изнесени на расправата.

Кон предлогот на одлуката, до Советот се доставува и извештај за резултатите од расправата заедно со ставовите на предложувачот на одлуката по мислењата и предлозите искажани во расправата.

 

Член 182

Во организирањето и спроведувањето на јавната расправа се остварува соработка со месните заедници, односно други облици на месна самоуправа, а во организирањето и спроведувањето на стручната расправа со стручни организации и заедници, односно здруженија на граѓани.

 

XI. ПРЕТРЕСУВАЊЕ ИЗВЕШТАИ, АНАЛИЗИ И ДРУГИ МАТЕРИЈАЛИ

 

Член 183

Претресот по анализите, извештаите и другите материјали во Советот, може да заврши без расправа, со премин на наредната точка од утврдениот дневен ред на Советот, односно комисијата или со донесување заклучок.

 

XII. ДАВАЊЕ СОГЛАСНОСТ НА СТАТУТИ, ИЗВЕШТАИ И ГОДИШНИ СМЕТКИ

 

Член 184

Советот со решение одлучува за давање согласност или за отфрлање на барањето за давање согласност на статутот на јавната служба, установа и претпријатие основани од Општината, како и на други субјекти за кои со закон е определено Советот да дава согласност.

Доколку Советот не даде согласност ќе го задоложи градоначалникот и субјектот кој бара согласност на статутот да извршат усогласување на статутот по прашањата кои биле причина да не се даде бараната согласност.

 

Член 185

Статутите задолжително му се доставуваат на Градоначалникот заради давање мислење по нив, во рок од 30 дена од денот на приемот.

 

Член 186

На седницата на Советот на која се расправа за давање согласност на статутот на јавна служба, установа и претпријатие основано од Општината, како и на други субјекти за кои со закон е определено Советот да дава согласност, се поканува и претставник на подносителот на статутот.

 

Член 187

Статутот на кој е дадена согласност се применува од денот на донесувањето од надлежниот орган на јавната служба, установа и претпријатие основани од Општината, како и на други субјекти за кои со закон е определено Советот да дава согласност.

 

XIII. ОДНОСИ НА СОВЕТОТ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

 

Член 188

Градоначалникот има право и должност да присуствува и учествува во работата на седниците на Советот.

 

Член 189

Градоначалникот може да определи свои претставници за седниците на Советот и комисиите.

Претставникот на Градоначалникот присуствува на седниците на Советот и комисиите и дава известувања и образложенија за предлогот на актот и за другите прашања кои се на дневен ред на седницата.

 

Член 190

Претседателот на Советот и претседателите на комисиите задолжително го известуваат Градоначалникот за  закажаните седници.

 

XIV. ОДНОСИ НА СОВЕТОТ СО ЈАВНИТЕ СЛУЖБИ, УСТАНОВИ И ПРЕТПРИЈАТИЈА

 

Член 191

Советот може да побара од Градоначалникот или од органите на управување на јавните служби што ги основала Општината, извештај за состојбите во определена област, за спроведување на политиката и за извршување на прописите и другите општи акти, што ги донел Советот во рамките на својата надлежност, како и за други задачи за кои се овластени од страна на Советот.

Советот може, со заклучок, да определи рок во кој јавните служби, установи и претпријатија основани од Општината, се должни да поднесат извештај.

Јавните служби, установи и претпријатија основани од Општината, можат и по сопствена иницијатива да го известуваат Советот за состојбата во соодветната област, за спроведување на политиката и за извршување на прописите и другите  општи акти што ги донел Советот, како и за други прашања од својот делокруг.

 

Член 192

Советот и неговите комисии можат,  во рамките на својот делокруг, да бараат јавните служби, установи и претпријатија:

-          да проучат определено прашање од својот делокруг и за тоа да им поднесат извештај;

-          да ги известат за состојбите и појавите од областа на својот делокруг;

-          да ги известат за спроведувањето на политиката што ја утврдил Советот и за извршувањето на одлуките, другите прописи и општи акти и за одделни прашања од областа на својот делокруг;

-          да изготват предлог на одлука, на друг пропис или  општ акт од областа на својот делокруг и

-          да им ги достават податоците со кои располагаат или што се должни во својот делокруг да ги собираат и евидентираат, како и списите и другите материјали потребни за работа на Советот и неговите работни тела.

Ако субјектот од став 1 на овој член смета дека не може да постапи по барањето на Советот и неговата комисија, ќе ги извести за тоа Советот, комисијата и Градоначалникот и ќе ги изнесе причините поради кои не може да го стори тоа.

 

Член 193

Советот и комисиите ги известуваат јавните служби, установи и претпријатија за седниците на кои ќе бидат претресувани прашања кои се однесуваат од областа на нивниот делокруг, заради учество на нивни претставници на тие седници.

 

Член 194

Раководните лица имаат право и должност да учествуваат во работата на седниците на Советот, кога на тие седници се претресува предлог на акт со кој се уредуваат прашања што се однесуваат на јавните служби, установи и претпријатија, со кои тие раководат или друго прашање кое се однесува на областа од нивниот делокруг.

На седниците на Советот, раководните лица даваат известувања и објаснувања за прашањата што се разгледуваат, а се должни, по барање, да даваат такви известувања и објаснувања и по писмен пат.

 

Член 195

Раководните лица  се должни по барање од комисиите на Советот, да учествуваат во работата на нивните седници, кога се разгледува предлог на акт со кој се уредуваат прашања што се однесуваат на делокругот на јавните служби, установи и претпријатија, со кои тие раководат.

 

Член 196

Ако раководното лице е спречено да учествува во работата на седницата на Советот или на работното тело може да определи во работата на седницата да учествува негов претставник.

 

XV. ОДНОСИ НА СОВЕТОТ СО СОВЕТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ

 

Член 197

Меѓусебните односи на Советот со советите на други општини се остварува во рамките утврдени со закон, Статутот на Општината и овој деловник.

Советот соработува со советите на други општини и со нив развива меѓусебни односи во остварувањето на задачите од заеднички интерес, а особено во поглед на создавањето  на што поповолни услови за остварување на правата на граѓаните.

 

Член 198

Советот може да соработува со советите на општините во постапката за подготвување на прописи и други акти од заеднички интерес, заради усогласување на ставовите и изнаоѓање на заеднички организациони и други решенија за вршење на надлежностите на општините.

 

Член 199

Соработката на Советот на Општината со советите на други општини се заснова врз начелата на рамноправност и координација во сите фази на подготвување и спроведување на прописите и другите општи акти од заеднички интерес.

 

Член 200

Соработката на Советот со советите на други општини, може да се врши размена на информативни, документациони и други материјали, со формирање на заеднички работни групи за проучување на одредени прашања од интерес за општините, како и други видови на меѓусебна соработка.

 

XVI. ВРШЕЊЕ СТРУЧНИ РАБОТИ ЗА СОВЕТОТ

 

Член 201

Стручните и другите работи за потребите на Советот и неговите комисии и за членовите на Советот ги врши општинската администрација.

Општинската администрација:

-          учествува во подготвувањето на програмата за работа на Советот,

-          учествува во подготвувањето на седниците на Советот и на работните тела,

-          учествува во подготвувањето на одлуки и други општи акти и други материјали,

-          им дава стручна помош на членовите на Советот,

-          врши информативно-документациони работи за потребите на Советот,

-          обезбедува неопходни услови за работа на членовите на Советот и

-          врши административно-технички и други работи за потребите на Советот и комисиите.

 

XVII. ИЗМЕНА НА ДЕЛОВНИКОТ

 

Член 202

Иницијатива за измена на Деловникот може да поднесат членовите на Советот, комисиите, Градоначалникот и други субјекти.

По иницијативата за измена на Деловникот одлучува Советот.

 

Член 203

По прифаќањето на иницијативата за измена на Деловникот, Советот формира Комисија за деловник која изготвува нацрт на одлука за измена на Деловникот.

Нацртот на одлуката за измена на Деловникот ја утврдува Советот и со заклучок ја задолжува Комисијата за деловник да изготви предлог на одлука за измена на Деловникот, при што да ги има предвид мислењата и забелешките изнесени во расправата пред Советот и неговите работни тела.

 

XVIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 204

            Со влегување во сила на овој деловник престанува да важи Деловникот за работа на Советот на Општина Валандово бр.08-54/3 од 22.03.1997 година.

 

Член 205

Овој деловник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општината Валандово”.

                                                           

                                                                                                        

Бр.07-43/2                                                                                                     СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВАЛАНДОВО

23.05.2013 год.                                                                                                               Претседател          

                                                                                                                                         Јасминка Сечкова

КОНТАКТ ИНФОРМАЦИИ

КОНТАКТИРАЈТЕ НЕ

КОНТАКТ ИНФОРМАЦИИ

КОНТАКТ ИНФОРМАЦИИ

Е-ИНФОРМАТОР